24фудбал

Ангеловски: Во второто полувреме покажавме дека заслужено сме на ова Европско првенство

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски е задоволен од настапот на своите фудбалери во второто полувреме, вели дека така треба да играме и против Холандија.

ЕВРО 2020

Македонија одигра меч со две различни полувремиња против Украина, лошо прво и одлично второ во кое не успеавме да го надополниме пропуштеното, па загубвме и на вториот меч.

„Одигравме меч со две различни полувремиња. Во првиот дел целта беше да одиграме попретпазливо, во второто тргнавме да изедначиме. Но примивме еден гол по прекин што е недозволиво, а и сантиметрите во ВАР одлуките беа на страна на Украина. Голот што го постигнаа тие за неколку сантиметри не беше офсајд, а од друга страна голот на Горан беше офсајд. Во второто полувреме покажавме зошто сме на Европско првенство, дека оваа Македонија има квалитет и заслужува да биде тука, а кога вашите навивачи ќе ве испратат со громогласен аплауз покажува дека сте одиграле навистина добар натпревар, но нас ни е криво што тоа не беше заокуржено и со позитивен резултат“, вели Ангеловски.

„На фудбалерите им кажав дека сме победени, но не сме поразени. Им кажав дека заслужено се во европскиот крем, заслужено се на Европското првенство и треба само така да продолжат како во второто полувреме и против Холандија за четири дена“.

„Фудбалерите се навикнуваат на овој начин на игра, притсокот кој го носи настапот на ЕП е минато. Се надеваме дека против Холандија ќе покажеме добра игра и ќе ги освоиме првите бодови на едно Европско првенство“.

„Со Холандија треба да одиграме како што го одигравме второто полувреме против Украина, веќе нема никаква бариера кај фудбалерите, сфатија дека можат, сфатија дека имаат квалитет, иако Холандија е апсолутен фаворит на тој меч, ние одиме да се надигруваме со нив“.