24фудбал

И македонските полицајци ќе учествуваат на ЕВРО 2020

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе има тим од петмина полицајци во Букурешт кои ќе се грижат за безбедноста за време на мечевите од ЕП.

ЕВРО 2020

Поради учеството на македонската репрезентација на мечевите од ЕП кои се играат во Букурешт, е најавено присуство и на нашата полиција. Покрај домаќинот, свои тимови на полицајци во романската престолнина ќе имаат и Македонија, Австрија и Украина.

„По повод Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020, на кое за прв пат ќе учествува и македонската фудбалска репрезентација, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во соработка со романската полиција и надлежните служби на УЕФА,  испрати свој тим од 5 полициски службеници кои во периодот од 11.06 до 18.06 2021 година ќе бидат присутни во Букурешт, Романија. 

Задачата на нашите полициски службеници е заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и Украина да создадат безбедносни услови овој значаен спортски настан да помине согласно највисоките безбедносни стандарди, истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани кои ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот.

На овој начин, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ги потврдува професионалните капацитети на своите полициските службеници, како и својата европска  посветеност, исполнувајќи ги притоа највисоките меѓународни безбедносни стандарди во обезбедување на значајни спортски настани од висок ризик“, стои во соопштението на МВР.