24фудбал

Тричковски: Поразите од Австрија само дополнително ќе нè мотивираат

Иван Тричковски вели дека лошиот скор со селекцијата на Австрија може да влијае само позитивно во пресрет на натпреварот со нив на Европското првенство.

Македонија

Македонскиот напаѓач, Иван Тричковски веќе подолго време со голем успех настапува во кипарското првенство, вели дека е полн со самодоверба но од селекторот ќе зависи колкава шанса ќе добие.

„Головите во Кипар ми даваат самодоверба, но ова е специјално натпреварување во кое ние сме првпат. Ова е остварување на сонот треба само да продолжиме така, да не застанеме, и да отидеме колку што е можно подалеку. Јас сум подготвен за игра, но од селекторот зависи кој ќе игра“, вели Тричковски.

Македонија ќе дебитира против Австрија во недела, селекцијата од која доживеавме два порази во квалификациите.

„Точно е дека загубивме двапати од Австрија, но тие порази може само да нè мотивираат, по тие мечеви се консолидиравме и почнавме да играме подобро, дојдоа подобри резултати“.

„Атмосферата е позитивна како и секогаш, уживаме, но со голема доза на одговорност. Знаеме каде сме, знаеме дека целата јавност ќе нè гледа, ќе нè бодри, ќе очекува добар резултат од нас. Остануваат уште околу 48 часа до мечот, одработивме добри подготовките досега и максимално сме подготвени за мечот“.

„Ние во изминатите години изградивме свој сопствен стил на игра, веќе препознатлив стил. Како ќе се одвива мечот со Австрија зависи од нас на теренот, ние сме воиграна репрезентација која подолго време настапува заедно. Секој момент ќе биде значаен, секоја грешка може да биде кобна, треба да се искористат шансите“.

„Победата над Германија нè позиционира високо на мапата на светскиот фудбал, но таа донесе и поголема одговорност за нас, да продолжиме да играме на највисоко ниво и да бележиме добри резултати. Ние може да ветиме дека ќе го дадеме максимумот на сите три натпревари и ќе се обидеме да собереме доволно бодови да се пласираме понатаму и да ги израдуваме навивачите“.