24фудбал

Интер имал средба со агентот на Емерсон Ројал

Барселона ја искористи опцијата да го врати назад Бразилецот, меѓутоа Каталонците би можеле и да го продадат.

Шпанија

Директорите на Интер наводно денеска имале средба со агентите на Емерсон Ројал, а со тоа се подгреаа шпекулациите дека бразилскиот бек е наследникот на Ашраф Хакими во редовите на „Нероаѕурите“.

Како што е познато, Интер ќе мора да продава ова лето за да собере средства, а Хакими е првата жртва по тоа прашање, со тоа што за него постои сериозен интерес од ПСЖ и Челси.

Бараната цена за Мароканецот е 80 милиони евра, меѓутоа досега пристигнаа понуди во висина од 20 милиони евра помалку од бараната, со тоа што клубот од Милано сака кеш, наспроти понудените трампи.

Во меѓувреме, клубот од Милано работи и на тоа да пронајде вистински наследник на Хакими, а на таа тема прв избор е токму Емерсон.

„Скај Спорт Италија“ подвлекува дека агентот на 22 годишниот бразилски бек, Фредерик Пена денеска бил забележан во седиштето на Интер.

Емерсон изминатите две сезони ги мина во дресот на Бетис каде играше на позајмица за 6 милиони евра, но Барселона ја искористи опцијата да го врати назад за 9 милиони евра, а тој изминатата сезона постигна два гола и четири асистенции на 38 натпревари.