24фудбал

Агентот на Елмас: Не е само Бенфика, многу клубови го бараат... но очекувам друга песна со Спалети

Агентот на Елиф Елмас вели дека Бенфика не е идинствениот клуб кој пројавува интерес за Македонецот, додава дека Наполи е тој кој ќе одлучи но очекува поголема минутажа за фудбалерот со Лучано Спалети на кормилото.

Италија

Елиф Елмас одново е дел од трансфер шпекулациите, се пишува дека Бенфика повторно тропнала на вратата на Наполи.

Неговиот агент, Џорџ Гарди вели дека „орлите“ не се единствениот клуб кој сака да го ангажира Македонецот и додава дека Наполи е тој што треба да одлучи за иднината.

„Елмас сакаше да игра во Лигата на шампиони и затоа дојде во Наполи. Очигледно е дека е разочаран како и сите други од начинот на кој заврши сезоната, но сега е фокусиран на ЕВРО 2020 и очекува добар настап на првенството, мотивиран е. Дали е задоволен од сезоната? Играше малку, сака поголема минутажа, повеќе простор да се наметне. Не доби многу шанса, па секако дека не е среќен“ - вели Џорџ Гарди.

„Мислам дека може да му се промени ситуацијата со промената на тренерот. Минатата сезона беше најзаменуваниот играч, се надевам дека ќе се подобрат работите со Спалети. Ќе ви откријам нешто, Спалети го бараше Елмас кога беше дел од Интер“.

„Бенфика не е единствениот клуб кој пројавува интерес, многу клубови го бараат. Има долг договор со Наполи, па клубот е тој што ќе треба да донесе одлука. Ќе треба да ни објаснат какви се плановите за играчот, каква шанса ќе добие бидејќи нема да бидеме среќни со уште една сезона како оваа што измина. Треба да разбереме дали тренерот ќе верува во него, јас лично мислам дека ќе верува“.

Се предвидува дека Елмас ќе биде еден од играчите кои ќе блеснат на Европското првенство.

„Ќе настапи против Холандија и уште на неколку важни натпревари. Ќе може да се покаже на големата сцена, многу клубови ќе внимаваат на неговите партии. Дали Македонија може да ја помине групата? Постои надеж, се работи за група која е обидинета и полна со мотивација. Имаат искусен тренер, па би рекол дека имаат шанса за пласман во нок-аут фазата“.