24фудбал

ЈАКО: ФФМ избра бордо боја, ниe го произведовме дресот точно како што побараа!

Од компанијата „ЈАКО“ во изјава за „Спорт1“ велат дека тие немаат никаква вина за изгледот на новиот дрес, изненадени се од реакцијата на ФФМ.

Македонија

Новиот дрес на Македонија со кој требаше да настапиме на Европското првенство крена многу прав во јавноста. Најголем проблем беше бојата, наместо црвен, дресот беше бордо.

Откако ја виде нагативната реакција не само на јавноста туку и на фудбалерите, претседателот на ФФМ прстот го впери кон производителот „ЈАКО“ и најави дека ќе играме со старите дресови.

Претставникот на „ЈАКО“, Нико Вагнер во изјава за „Спорт1„ вели дека е изненаден од постапките на ФФМ.

„Луѓето од ФФМ нѐ известија во текот на вчерашниот ден дека не сакаат вашиот национален тим да игра на ЕВРО 2021 во новите дресови со Балканскиот рис. ЈАКО воопшто не го очекуваше ова. Според ФФМ, главна причина за револтот во јавноста е бојата на дресовите. Во моментот кога Македонија се пласира на ЕП, од ФФМ од нас побараа дрес со специфичен дизајн со Балканскиот рис и тоа во – бордо боја. Ние го произведовме дресот точно како што од нас беше побарано и го презентиравме на 28 мај“, изјави Нико Вагнер за „Спорт1“.

Иако Сејдини најави дека на ЕП ќе играме со старите дресови, уште е нејасно дали тоа ќе се случи. Најпрво треба УЕФА да го прифати барањето за промена на дресот, а ако тоа се случи ФФМ ќе треба да има доволна количина од трите варијанти на старите дресови.