24фудбал

Саутгејт на слатки маки: Во составот на „Гордиот Албион“ нема место за Арнолд?

„Гордиот албион“ како ретко досега има неверојатна конкуренција за една позиција, дури четири десни бекови се борат за место во составот на селекторот Герет Саутгејт кој е на слатки маки по ова прашање.

Останато

Англија е една од главните кандидати за освојување на претстојното Европско првенство кое за „Гордиот албион“ започнува со дуелот против Хрватска на 13 јуни, а освен Хрватска, за ривали во конкуренцијата „Д“ ги има уште и Чешка и Шкотска.

33 фудбалери се најдоа на поширокиот список на селекторот Герет Саутгејт кој е на слатки маки за финалниот избор кој треба да го направи денеска, а особено тешка одлука треба да падне за десната бековска позиција, каде конкурираат дури четворица и повеќе од квалитетни бекови.

Трент Александер-Арнолд, Рис Џејмс, Кјеран Трипие и Кајл Вокер е изборот на Саутгејт, а базирајќи се на свои извори, „ЕСПН“ тврди дека Арнолд ќе отпадне од финалниот избор на селекторот на Англија.

Како што наведува „ЕСПН“, првично предност добиваат Џејмс и Вокер, Арнолд ќе биде изоставен од конечниот список, а место ќе има и за третиот десен бек во составот, Трипие.

Арнолд имаше доста очајна сезона зад себе, меѓутоа ја одбележа со одлична завршница откако со Ливерпул обезбеди место во топ четирите екипи во Премиерлигата, меѓутоа добрата завршница на крајот веројатно не го предомисли Саутгејт кој лично ги следеше сите настапи на бекот од трибините.

Интересен е фактот што Саутгејт имаше дополнителен кандидат за десната бековска позиција, и тоа во Арон Ван-Бисака, кој одново е изоставен од селекцијата на Англија, а пред извесен период се шпекулираше дека фудбалерот на Манчестер јунајтед веќе почнал да размислува за Конго.

Саутгејт денеска од список со 33 фудбалери, истиот ќе го скрати на 26 фудбалери, со тоа што поради повреда денеска и официјално отпадна од комбинација Мејсон Гринвуд.