24фудбал

Гвардиола: Ќе треба добро да се намачиме за да го добиеме финалето

Предводникот на „Граѓаните“ очекува тежок меч за неговите избраници, нагласи дека тие ќе мораат добро да се намачат на теренот доколку сакаат да ја добијат пресметката со ривалот.

Лига на Шампиони

Утревечер со почеток од 21 часот Манчестер Сити и Челси ќе ја одиграат финалната пресметка сезонава во Лигата на шампионите, а говорејќи за време на денешната пресконференција пред финалето, Пеп Гвардиола нагласи дека сосема е сигурен во тоа дека неговите избраници ќе треба добро да се намачат за да победат.

Јас сум сигурен дека ќе треба добро да се намачиме за да го добиеме финалето. Меѓутоа, мојата порака до фудбалерите е едноставна, да уживаат на натпреварот, иако и повеќе од јасно е дека тоа не секогаш е можно. Треба да се борите за победа, треба да се обидеме да бидеме тоа што всушност сме, а секако и да одиграме еден добар натпревар“ рече Гвардиола, кој веќе има во план како ќе изгледа почетниот состав на „Граѓаните“, меѓутоа очигледно е дека ќе мора да причека за детали околу повредата на Гундоган.

Проблеми за Гвардиола, Гундоган се повреди пред финалето (ВИДЕО)

Точно знам како ќе играме, кој ќе игра, неверојатна привилегија е да се биде тука, а ние сме тука. Благодарни сме за тоа, но и многу среќни, секој од нас во тимот. Сакаме да се докажуваме на најдобриот можен начин, а на момците кои се нервозни и анксиозни во овие моменти, ќе им кажам дека сето тоа е нормално, а на момците кои се опуштени ќе им кажам дека и тоа е сосема нормално исто така“ додаде предводникот на овосезонскиот првак на Англија, а со оглед на огромниот избор кој го има во ростерот со кој располага, признава дека не е лесно да им се соопшти веста на фудбалерите кои нема да играат утревечер.

Ужасно е да се каже на фудбалерите дека нема да бидат дел од натпреварот, би ве советувал да не бидете тренер, немам некои добри зборови за сево ова, но животот секогаш ви дава втора шанса, работете напорно за следната прилика, можеби вие ќе бидете на посакуваното место, навистина чувствувам голема жал за сите од нив, тие сите заслужуваат да бидат тука“ подвлече Гвардиола.