24фудбал

Емери: Не сум посебно мотивран затоа што работев во Англија, чувствувам само должност кон клубот, претседателот, фановите...

Денеска во 21 часот се игра финалето од Лига Европа меѓу Виљареал и Манчестер јунајтед, Емери е оптимист дека неговиот тим на крајот може да се радува.

Лига Европа

Унаи Емери е специјалист за финалиња, но Манчестер јунајтед е фаворит на хартија. Тој беше тренер на Арсенал каде неславно заврши, за да дојде до денешното финале го елиминираше својот поранешен клуб, а на патот до пехарот му стои уште еден англиски претставник.

„Не, не чувствувам посебна мотивација затоа што работев во Арсенал. Чувствувам должност кон клубот, претседателот и кон сите кои го изградија ова мало заедништво во голем клуб. Немам мисли на одмазда против англиски клуб или било кој, се што се обидувам е да го извадам најдоброто од Виљареал. Ова е голем клуб“, вели Емери.

„Нашата историја е силна и кредибилна, но е од неодамна. Доколку Јунајтед е фаворит тоа е поради тоа што имаат многу добри фудбалери, имаат голема историја, но ние имаме аргументи да бидеме вистински кандидат за победа тука во Гданск“.

„Секое финале е различно. На претходните, бев тренер со тим кој е фаворит, и бев тренер со тим кој не... но сето тоа е на хартија. Ние треба да покажеме гордост и добар приод, да покажеме дека сме константен тим. Јунајтед во своето најдобро издание може д го победи секој тим. Но и ние имаме наши предности. Го анализиравме добро Јунајтед и клучот е да ги искористиме шансите кога ќе ни се укажат“.

„Не размислуваме за последиците од тоа ако не победиме. Ние ја контролираме играта, работата, идеите на теренот. А потоа дели ќе загубиме или не, тоа не е нешто на кое сега размислуваме“.