24фудбал

Фергусон не успеа да го купи пред 10 години, Солшер сега ќе си ја проба среќата: Манчестер јунајтед нуди 40 милиони за Варан

Неколку извори од Англија пренесуваат дека Манчестер јунајтед ќе достави понуда вредна 40 милиони фунти (околу 46 милиони евра) за услугите на Рафаел Варан од Реал Мадрид.

Англија

Сер Алекс Фергусон во 2011 се обиде да го ангажира Рафаел Варан, Шкотот отпатува во Франција да го убедува дефанзивецот, Дејвид Гил ги пеглаеше деталите со Ленс, но во последен миг се појави Зинедин Зидан и го однесе својот сонародник во Реал Мадрид.

Десет години подоцна, Оле Гунар Солшер ќе си ја проба шансата да го донесе Французинот на Олд Трафорд.

Норвежанецот сака дефанзивец од светска класа и дал наредба да се ангажира Рафаел Варан, неколку извори од Англија пренесуваат дека „ѓаволите“ ќе достават понудат од 40 милиони фунти (околу 46 милиони евра).

Рафаел Варан има уште една година од договорот со Реал Мадрид, се верува дека нема намера да ја продолжи верноста и посакува нов предизвик. Останува да се види дали „кралевите“ ќе се задоволат со предлогот на Манчестер јунајтед, одредени извештаи велат дека тој е далеку од она што Флорентино Перез го бара, односно околу 70 милиони евра.