24фудбал

Главниот делител на правдата за финалето од ЛШ сигурно не му е по ќеиф на Гвардиола (ВИДЕО)

Од куќата на европскиот фудбал денеска ги објавија двајцата главни делители на правдата за финалето во Лигата на шампионите, како и Лига Европа.

Лига на Шампиони

Шпанскиот фудбалски арбитар Матеу Лахоз ја доби довербата од страна на УЕФА за да ја дели правдата на големото финале од Лигата на шампионите, каде на 29 мај силите ќе ги одмерат Манчестер Сити и Челси.

44 годишниот Лахоз е интернационален судија од 2011 година па наваму, а последната улога која ја имаше на финале беше во 2019 година кога беше четврто официјално лице на дуелот помеѓу Ливерпул и Тотнем, кој им припадна на „Редсите“.

Интересно е тоа што Лахоз го има исклучено Пеп Гвардиола пред три години уште по првото полувреме откако предводникот на Манчестер Сити имаше жестока расправија со него, жалејќи се на неколку, за него спорни одлуки кои тогаш биле клучни за елиминацијата на неговиот тим.


Пеп особено беше гневен на фактот што Лахоз им поништи гол на „Граѓаните“ поради наводен прекршок над голманот Кариус, а од повторените снимки јасно се виде дека освен што нема прекршок, нема ниту офсајд од страна на Сане, кој налета на одбиена топка од страна на Милнер.

Што се однесува пак до финалето од Лига Европа, односно за дуелот помеѓу Манчестер јунајтед и Виљареал, главен делител на правдата ќе биде францускиот арбитар Клемен Турпан.

Финалето во второто по ранг европско клупско натпреварување е предвидено да се одигра на 26 мај, а што се однесува пак до Турпан, тој е интернационален судија од 2010 година па наваму, а 38 годишниот фудбалски арбитар сезонава беше инволвиран на седум меча во Лигата на шампионите.

Обајцата се инаку дел од групата селектирани фудбалски арбитри за претстојното Европско првенство.