24фудбал

Тухел: Обамејанг постојано доцнеше, па моравме да го лажеме дека состанокот почнува во 10:45 а всушност почнуваше во 11 часот

Во пресрет на дуелот помеѓу Челси и Арсенал во Премиерлигата, Томас Тухел проговори за соработката со Пјер Емерик Обамејанг, вели дека човек тешко може да му се налути на Габонецот.

Англија

Вечерва, Челси го пречекува Арсенал и ова ќе биде прилика за нова средба помеѓу Томас Тухел и Пјер Емерик Обамејанг, тренерот и напаѓачот соработуваа две години во Борусија Дортмунд.

„Мислам дека не пропушти ниту еден тренинг, но да, знаеше да дојде пет минути подоцна, тоа можеше да му се случи! Но кога ќе задоцнеше, секогаш беше во брзање, имаше изговор, ќе изразеше жалење, имаше насмевка на лицето“ - вели тренерот на Челси.

„Мислам дека само тој доцнеше, па кога сакавме да биде на време, ќе му кажевме дека состанокот е во 10:45, а всушност беше во 11 часот. Така имаше шанса да дојде заедно со сите други“.

„Можеше да го слушнете звукот на неговиот автомобил во далечина. Се слушаше со километри, па полека почнувавме да се подготвуваме, да го стартуваме видеото бидејќи знаевме дека ќе дојде за брзо време!“

„Искрено не знам како се уште има возачка дозвола, од тоа како „вреска“ неговиот автомобил, знам дека не вози според пропишаната брзина“.

„Но тешко можете да му се налутите, секогаш доаѓа со голема насмевка и има огромно срце. На сите ќе им се извини, па мора да се помирите дека во вашиот тим има таков човек“.

„Ова не е голем проблем. Не треба да се заборави дека е голем професионалец, кој не пропуштил ниту еден тренинг, ниту еднаш не се искраднал пред време од тренинг. Секогаш ја имаше опремата на себе и беше подготвен за тренинг“.