24фудбал

Адриано: За девет дена, од рајот заминав во пеколот... фудбалот ми остави две дупки, една во ногата, друга во душата

Легендата на Бразил, Адриано си ја отвори душата во разговор со „Плејерс Трибјун“, напаѓачот раскажа како во период од девет дена целосно му се променил животот и како почнал крајот на неговата кариера.

Останато

Адриано пред 20 години важеше за еден од најперспективните играчи, со одличните партии во Парма и Интер го доби прекарот „Император“, му се предвидуваше блескава кариера, која за жал заврши прерано и неславно поради проблеми надвор од терените.

Во разговор со „Плејерс Тибјун“, Бразилецот си ја отвори душата и раскажа како во период од девет дена целосно му се променил животот и како почнал крајот на неговата кариера.

„Велат дека сум исчезнал, „Адриано се откажа од милиони“, „Адриано се дрогира“. Знаете колку многу пати сум ги видел овие наслови. Па еве сум, стојам пред вас со насмевка на лицето. Дали сакате да ја слушнете вистината? Директно од мене? Без сра*е? Земи столче и седни брате, имам да ви раскажам приказна“ - започнува поранешниот фудбалер на Фламенго, Интер и Рома, кој израсна во фавелите во Рио и се врати таму по крајот на кариерата.

Клучниот момент се случува летото во 2004, Адриано вели дека од рајот заминал во пеколот.

„Понекогаш мислам дека сум фудбалерот кој никој не го разбира. Луѓето не разбираат што ми се случи. Во период од девет дена, од најсреќниот ден во мојот живот дојдов до најлошиот ден во мојот живот. Од рајот заминав во пеколот“.

„25. јули 2004 година, играме финале на Копа Америка против Аргентина. Секој Бразилец го памети натпреварот. Губевме од тие копилиња во последните минути. Не провоцираа, не исмејуваа, се обидуваа да не натераат да полудиме. Луис Фабиано сакаше да се тепа со сите!“

„Останатото е поема, човеку. Тоа е филм, тоа е песна. Не знам што е, но не е реалност. Лета топката кон шеснаесетникот. Забуна, туркање, мавање лактови. Не гледав ништо! Ако го гледате видеото, јас всушност го кревам лактот да удрам некого. И одеднаш топката се најде во моите нозе. Подарок од рајот. Ќе лажам доколку кажам дека знаев каде сакам да шутнам. Едноставно шутнав со лева, најсилно што можев... и гол. Бакнеж од дебелото момче до Аргентинците!!! Не можам да ви опишам како се чувствував. Неверојатно. Голот беше само за реми, но знаевме дека ги скршивме, зневме што ќе се случи на пенали и токму тоа се случи. Ние бевме шампиони а Аргентина не беше“.

„Да се победи Аргентина на ваков начин, за мојата земја, кога моето семејство гледа... тоа беше најсреќниот ден од мојот живот. Момчето од еб*ната фавела. Како да не мислам дека Бог ја пуштил раката од рајот да го допре мојот живот?“

„И ова е лекција за сите. Бидејќи без разлика кој сте, можете да бидете на врвот на светот, можете да бидете „Императорот“, но животот може да ви се промени во секунда...“

„4. август 2004 година, девет дена подоцна, се враќам во Европа со Интер и добивам повик од дома. Ми кажуваат дека починал татко ми. Срцев удар“.

„Не сакам да говорам многу на оваа тема, но можам да ви кажам дека по овој ден, љубовта кон фудбалот никогаш не беше иста. Тој го сакаше фудбалот, па и јас го сакав фудбалот. Беше едноставно, тоа беше мојата судбина. Кога играв фудбал, играв за моето семејство. Кога постигнував голови, постигнував за моето семејство. Па кога почина мојот татко, фудбалот повеќе не беше ист“.

„Не можев да се справам со ова, паднав во депресија, почнав да пијам, не сакав да тренирам. Немав ништо против Интер, едноставно сакав да си одам дома. И покрај тоа што постигнав многу голови во Серија А тие години, и покрај тоа што фановите ме обожаваа и можев да ја почувствувам нивната љубов, не бев среќен. Се работеше за мојот татко, ме разбираш?“.

„Не се сите повреди физички. Кога во 2011 ја повредив Ахиловата тетива, знаев дека тука ми е крајот. Да, ќе направите операција, ќе се рехабилитирате, но никогаш нема да бидете исти. Ја немав истата експлозивност, истиот баланс. Се уште имам дупка во скочниот зглоб“.

„Ми се случи истото кога почина мојот татко, но тогаш лузната беше внатре во мене. Па кога луѓето ќе прашаат „Човеку, што се случи со Адриано?“ Одговорот е едноставен, имам една дупка во ногата, и друга во душата“.

Целото интервју можете да го прочитате тука.