24фудбал

Три години по смртта на Астори пристигна пресуда, докторот доби затворска казна од една година

Докторот Џорџо Галанти, кој му даде зелено светло на Давиде Астори да игра фудбал, е прогласен за виновен за смртта на поранешниот играч на Фиорентина и доби затворска казна од една година.

Италија

Три години по смртта на Давиде Астори пристигна пресуда, докторот Џорџо Галанти, кој го издал сертификатот и дал зелено светло дефанзивецот да игра фудбал, доби затворска казна од една година.

Давиде Астори почина на 4. март 2018 година, беше пронајден мртов во хотелската соба утрото пред натпреварот против Удинезе.

Според обвинителството, Давиде Астори починал бидејќи докторот не успеал да забележи дека фудбалерот има аномалија на срцето. Експертите кои биле ангажирани од обвинителството утврдиле дека стрес тестовите извршени врз играчот алармирале за проблем кој докторите морале да истражат подетално, но тоа не било сторено.

Доколку точната дијагноза била поставена на време, животот на Давиде Астори можел да биде спасен.

Покрај затворската казна, за кои некои медиуми пишуваат дека е условна, докторот Џорџо Галанти ќе треба да плати и оштета од над 1 милион евра за семејството на Давиде Астори. Неговата сопруга, Франческа Фјорети треба да добие 250.000 евра, 240.000 евра се за ќерката Виторија, додека пак 600.000 евра се за родителите Ренато и Џована и двајцата браќа Марко и Бруно.