24фудбал

Бејл со провокација до Мурињо: Сега играме поблиску до голот и постигнуваме повеќе голови, наликуваме на правиот Тотнем!

Герет Бејл упати нова провокација до Жозе Мурињо откако постигна хет-трик во победата од 4-0 над Шефилд јунајтед, вели дека под водство на Рајан Мејсон полека напредуваат и играат како што Тотнем треба да игра.

Англија

Жозе Мурињо често беше критикуван за стилот на игра кој го применува во Тотнем, многумина сметаа дека „спарси“ играат дефанзивно. По ремито од 2-2 против Евертон, управата на клубот реши да ја прекине соработката со „специјалниот“ и да му врачи отказ.

Под водство на Рајан Мејсон, Тотнем забележа две победи во Премиерлигата, а еден од најзаслужните беше Герет Бејл, кој не добиваше голема минутажа кај Жозе Мурињо.

По победата на Саутемптон, Велшанецот изјави: „Сакаме да напаѓаме. Ние сме одличен тим, со квалитетни играчи и мораме да напаѓаме. Мораме да играме повисоко на теренот и тоа го сторивме сега“.

По синоќешниот триумф над Шефилд јунајтед, Герет Бејл повторно упати провокација до Жозе Мурињо.

„Притискаме високо, поблиску сме до голот и тоа ни помага да постигнеме повеќе погодоци. Работиме на ова во последните неколку недели. Јасно е дека големи промени не можат да се случат преку ноќ, но мислам дека се движиме во права насока. Ова веќе личи на стилот на Тотнем“ – вели Герет Бејл, кој постигна хет-трик.

„Покажавме одлични перформанси, од првата минута притиснавме силно, го имавме поседот, контролата врз натпреварот, постигнавме четири погодоци и одигравме одлично“.

„Се чувствувам добро, и претходно кажав дека е потребно да играм во континуитет, сега добивам шанса, среќен сум, и кога сум среќен играм добро“.