24фудбал

Ристовски: Виљареал има предност, но полуфиналето е голем мотив

Динамо Загреб утре ќе има тешка мисија, да го елиминира Виљареал на негов терен, Стефан Ристовски знае дека мисијата ќе биде исклучително тешка, но смета дека таа не е и невозможна.

Лига Европа

Виљареал со 1-0 го победи Динамо во Загреб и направи крупен чекор кон пласман во полуфиналето од Лига Европа, но хрватскиот шампион не оди во Шпанија со бело знаме.

„Нема поголем мотив од тоа што победа ни носи полуфинале. Знаеме кој е Виљареал, ама и ние сме добра и искусна екипа, тоа го покажуваме цела сезона, па така ќе се поставиме и утре. Мора да одиграме најсериозно, цврсто, со ладни глави и дај боже да поминеме. Изгубивме на првиот меч со 0-1, но во Шпанија одиме со отворен гард, се бориме за полуфинале и јас се надевам дека ќе успееме“, вели Стефан Ристовски.

„Виљареал е типична шпанска екипа, сака да игра фудбал по земја. Буквално од голман тргнуваат во напад, па мора да бидеме многу внимателни помеѓу линиите, зашто добро се движат. Денешниот фудбал е таков, што мора да си сериозен против секого, денеска сите напорно тренираат, анализираат, се подготвуваат. Знам дека нѐ чека тежок меч“.

Најавите од Хрватска велат дека подготвен за настап ќе биде и Аријан Адеми кој има повреда на стапалото, сепак таа не е сериозна како што првично се прогнозираше.