24фудбал

Ливерпул има петмина: Кои се ѕвездите под ризик од суспензија во полуфиналето од ЛШ?

Вечерва се играат две реванш пресметки во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а оваа фаза од натпреварувањето ќе се комплетира со уште два меча утре.

Лига на Шампиони

Челси славеше на гостувањето кај Порто во првиот меч со 0-2, па вечерва тимот на Тухел за очекување е да го потврди пласманот во полуфиналето на свој терен, а освен мечот во Лондон, вечерва се среќаваат уште и ПСЖ и Баерн Минхен, откако во првиот меч францускиот првак на гости славеше со 2-3.

Утревечер пак, Борусија Дортмунд на свој терен го пречекува Манчестер Сити, откако на гости загуби со 2-1, а Ливерпул има тешка мисија во реваншот на домашен терен против Реал Мадрид, откако на гости загуби со 3-1.

Вреди да се напомене и дека неколку ѕвезди се под опасност за пропуштање на првиот меч во полуфиналната фаза доколку нивните клубови прогресираат, а првично би ги издвоиле Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, како и Нејмар од ПСЖ.

Правилото на УЕФА вели дека од првиот меч во групната фаза, фудбалерите и официјалните лица на клубовите би можеле да бидат суспендирани за наредниот меч во натпреварувањето по три добиени жолти картони.

Халанд доби опомена на двата меча против Севиља во осминафиналето, а под ризик за казна е воедно и Нејмар кој доби два жолти картони во групната фаза, против Манчестер јунајтед, односно Лајпциг.

Останати фудбалери кои се под ризик за суспензија се уште и Емре Џан од Борусија Дортмунд, Идриза Гаје, Лејвин Курзава, како и Марко Верати, сите од ПСЖ, а најголема опасност постои во Ливерпул.

Дури петмина се под закана за суспензија во полуфиналето, станува збор за Трент Александер-Арнолд, Садио Мане, Џејмс Милнер, како и Георгино Вајналдум, повредениот Џордан Хендерсон исто така е на оваа листа.

Во Реал Мадрид се надеваат дека Ферланд Менди и Федерико Валверде нема да влезат во бележникот кај судиите на реваншот на „Енфилд“ утревечер.

Челси и Манчестер Сити имаат по двајца, Хаким Зијеш и Матео Ковачиќ, односно Фернандињо и Жоао Кансело, а што се однесува пак до Баерн Минхен, под ризик се триото Жером Боатенг, Лукас Ернандез и Џошуа Кимих.

Жолтите картони се „бришат“ по четвртфиналето, односно не се префрлаат во полуфиналната фаза од ова натпреварување која се игра на 27 и 28 април.