24фудбал

Пандев за грчка „Газета“: Би ги дал сите титули кои ги имам освоено за Европско со мојот национален тим

Горан Пандев во интервју за грчка „Газета“ говореше на неколку теми, а првенствено се задржа на историскиот успех и пласманот со националниот фудбалски состав на претстојното Европско првенство.

Македонија

Тој е несомнено најдобриот играч во историјата на фудбалот на својата земја, Горан Пандев, роден во Струмица, 1983 година во јули, на неколку километри од грчката граница со соседот, со кариера полна со успеси. Тој се уште ужива во својата фантастична кариера, се ближи до својот 38 роденден, а се уште има значајна улога во Џеновасе вели во воведниот дел на грчка „Газета“ опишувајќи го нашиот фудбалски ас Горан Пандев, пред самото интервју за тој медиум.

Капитенот на нашиот најдобар македонски фудбалски национален состав во интервјуто говореше на неколку теми, а првично разговорот започна за историскиот пласман со репрезентацијата на претстојното Европско првенство.

Никогаш не помислив на тоа дека ќе го видам мојот национален тим на големо натпреварување, не е важно дали на 37 или 38 годишна возраст, но како човек верувам во судбината на животот, а оваа судбина сакаше да се случи сево ова. Играв во многу екипи, видов многу во кариерата, освоив се во однос на титулите, но победа со националниот тим не може да се спореди со ништо, би ги дал сите трофеи кои ги имам освоено за да одам на Европско со мојот национален тим, добро се сеќавам што се случи по мечот со Грузија, не беше тешко, најдоброто нешто што се случи беа сите тие насмевки на лицата на моите сонародници, тоа е најдоброто нешто што ми се случи во кариерата“ вели Пандев во интервјуто.

Потоа разговорот се префрли на успехот во Дуизбург, односно историската победа над Германија во мундијалските квалификации со 1-2.

Тоа беше историска ноќ во Дуизбург, да ви кажам искрено, две седмици потоа, се уште не верувам дека тоа се случи, Германија немаше пораз цели 20 години во квалификациите за Светско првенство, а ние успеавме, бог сакаше тоа да се случи, што можам да кажам...“ подвлече Пандев.

Во продолжението од разговорот Пандев како и многу други љубители и чинители во фудбалската игра подвлекува дека секако не може да го заборави историскиот подвиг на Грција на Европското првенство во 2004 година кога нашиот јужен сосед стана прва европска фудбалска сила, додавајќи дека Македонија нема што да загуби на претстојниот европски турнир.

ЕУРО 2004... како можам да го заборавам тоа? Таков е фудбалот, кога верувате во себе може да бидете наградени, не знам дали мојата земја може да изненади, но ќе ви кажам како се чувствувам, одиме на Европско каде немаме што да загубиме“ подвлекува Пандев кој беше запрашан и што прво му паѓа на памет кога ќе слушне „Грција“.

Одмор (се смее), живеам во Струмица, што е близу Грција, така, секое лето одам на прекрасните грчки плажи, Грција, лето и море...“ вели нашиот капитен кој откри и еден интересен детал од неговата кариера, односно пред да се пресели во младинскиот погон на Интер, за што постоела можност Олимпијакос да биде неговиот нов клуб тој период, а пред неколку години опција бил и ПАОК.

Не знам дали моето име го имало многу низ грчките медиуми, но ќе ви откријам вам дека кога бев млад пред да заминам во Интер бев многу близу до Олимпијакос, но претседателот на мојот тим (Беласица, Ванчо Таковски) во тоа време го откажа трансферот, пред неколку години имав преговори со ПАОК, многу ме посакуваа, но направив многу години во Италија, моето семејство се чувствува многу убаво тука и на крајот останав“ откри Пандев за кого Жозе Мурињо е фудбалски татко, а Себастијан Камбијасо во прекрасниот период минат во Интер – тренер..

Таа сезона со триплета во Интер беше импресивна, со најдобриот тренер во светот, Мурињо, за мене тој беше татко, од него научив многу работи, не само за фудбалот, туку општо за животот, а Камбијасо беше тренерот (се смее), тој беше тренер на теренот, постојано даваше инструкции, а сигурен сум дека ќе стане и добар тренер, прекрасна особа“ истакна Пандев кој јасно наведе дека за политика не сака ниту да чуе.

Не знам ништо околу политиката, не разбирам ништо на таа тема, нема ниту да зборувам на таа тема, јас сум човек кој го сака фудбалот, ми се допаѓаат добри фудбалери, уживам гледајќи ги како играат, без разлика на нивната националност, никогаш не ми се допаѓала политиката, посакувам за двете земји, но и останатите конечно да ја победиме оваа пандемија и да бидеме повторно заедно“ заклучи нашиот капитен во интервјуто.