24фудбал

Голема, голема, голема победа на Македонија против Германија!!! (ВИДЕО)

Големата Германија на колена пред македонските фудбалери, избраниците на Игор Ангеловски одиграа фантастичен натпревар и победија со 2-1 во Дуисбург.

Македонија

Сензација, Македонија ја победи Германија на нејзин терен. Нашите фудбалери имаа фантастична претстава и ако некој се сомневаше зошто сме на Европско првенство, сега го има одговорот.

Македонските фудбалери покажаа дека можат не само да се носат со најдобрите, туку и да ги победуваат. Ова беше вечер која ќе се памети.

Германија почна офанзивно како што се очекуваше, но тешко создаваше шанси. Сепак првата можност ја имаа рано во мечот кога Горецка во деветтата минута ја погоди пречката од голот на Димитриевски.

Потоа во 27. и 31. минута следуваа две шанси на Гнабри, но Германците не реализираа ни во овие можности.

Во последните пет минути играта се префрли во половината на Германија, по еден слободен удар на Алиоски, Тер Штеген со рамо одбрани и не дозволи Македонија да победи.

Но, тоа се случи во судиското продолжение од првото полувреме, по една одлична акција, Барди убаво асистираше до Пандев кој постигна гол за водство на Македонија од 1-0!

Течеше 62. минута кога Алиоски направи прекршок во шеснаесетникот, Сане искусно го искористи лизгачкиот старт на нашиот фудбалер и изнуди пенал за Германија. Гундоган реализираше од белата точка за 1-1.

Во 77. минута голем судиски пропуст, Емре Чан играше со рака, но судијата не досуди пенал. Да имаше ВАР одлуката ќе беше поинаквка.

Три минути подоцна Тимо Вернер имаше неверојатна шанса, од идеална позиција биеше крај голот.

На пет минути пред крајот следуваше фантастична шанса на Македонија, асистенција од Адеми и погодок на Елмас за ново водство на Македонија од 2-1 кое значеше и голема, голема победа!

Искусно го приведовме мечот до крајот и сосема заслужено се радуваме на најголемата победа на Македонија во историјата.