24фудбал

Започнa изградбата на стадионот во Штип

Денеска беше удрен камен-темелник на новата трибина од стадионот во Штип кој треба да добие нов, модерен изглед.

Македонија

Претседателот на ФФМ ја фрли првата лопата со што официјално го означи почнувањето на градбата на стадионот во Штип кој од поодамна беше најавуван.

„Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија се чувствувам и гордо и среќно што започнуваме со реализација на исклучително важен фудбалски проект. Изградбата на Градскиот стадион во Штип е еден од врвните приоритети за нас. Заедно со УЕФА и општина Штип во следниот период ќе изградиме репрезентативен стадион кои ги исполнува сите критериуми за одигрување на меѓународни клупски и репрезентативни натпревари. Како еден од нашите најголеми фудбалски центри, градот и фудбалскиот клуб Брегалница ја заслужува сета поддршка од Фудбалската федерација на Македонија. Целосно ќе ја изградиме западната трибина и ќе бидеме логистика за сите други потреби околу изградбата на стадионот. Подобрувањето на фудбалската инфраструктура е еден од клучните делови во работењето на ФФМ и за многу кратко време ја менуваме сликата на стадионите во нашата држава. Упатувам благодарност до општина Штип, фудбалскиот клуб Брегалница и Општинскиот фудбалски Сојуз за поддршката и помошта која ја даваат во реализација на проектот. Со нивна помош и поддршка од ФФМ и УЕФА, Штип наскоро ќе биде пример за успешна фудбалска приказна во државата“, изјави претседателот на ФФМ, Сејдини.

Новиот стадион во Штип треба да ги задоволува сите критериуми на УЕФА за одигрување на меѓународни клупски и репрезентативни натпревари.

Покрај Сејдини, на поставувањето на камен-темелник и почетокот на градежните активности присутни беа и штипскиот градоначалник Сашко Николов, газдата на второлигашкиот лидер Брегалница, Кирил Гогов, како и првиот човек на ОФС Штип и член на УО, Димитар Џонов.