24фудбал

Горан Пандев е најдобар спортист на Македонија за 2020

Агенцијата за млади и спорт го прогласи Горан Пандев за најдобар спортист за изминатата година откако капитенот ја предводеше Македонија до пласман на Европското првенство, за најдобра спортистка е прогласена какратистката Вероника Костовска.

Македонија

Агенцијата за млади и спорт, на свечена церемонија ги додели наградите за најдобрите во спортот за изминатата година, очекувано на наградите доминираше фудбалот.

Горан Пандев кој беше главниот фудбалер на Македонија во историскиот успех, пласман на Европското првенство, сосема заслужено ја доби наградата за спортист на годината. Тој во борбата за првото место ги победи таеквондистот Дејан Георгиевски и каратистот Емил Павлов.

„Жалам затоа што не сум во Македонија во моментов, па морам преку видео врска да се заблагодарам за наградата. Голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт, но за оваа награда се заслужни сите во македонската репрезентација, од селекторот, па преку соиграчите, физиотерапевтите и економите зашто создадовме семејство. Ова за мене е поттик да продолжам понатаму“, изјави Пандев.

Игор Ангеловски е избран за најдобар тренер за 2020, ФФМ е најдобрата спортска федерација, а фудбалската репрезентација е најдобра селекција за минатата година.

За најдобра спортистка на Македонија е прогласена каратистката Вероника Костовска.

„Овој успех немаше да биде успешен ако беше само мој труд. Им благодарам на Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски без кои ова немаше да биде возможно. Благодарност и до мојата фамилија и моите најблиски. Оваа награда ми е поттик за успеси и во иднина“, изјави Костовска.

За најдобар спортист од лицата со инвалидитет е избран шахистот Владимир Тркаљанов, најдобар млад спортист е Роберт Ацковски карате, а каратистката Магдалена Божиновска е најдобрата млада спортистка.

Најдобрите спортисти за 2020 година:

Најдобар спортист: Горан Пандев

Најдобра спортистка: Веронка Костовска 

Најдобра федерација: ФФМ

Најдобар тренер: Игор Ангеловски

Најдобар национален тим: Фудбалска репрезентација на Македонија

Најдобар спортист со инвалидитет: Владимир Тркаљанов 

Млад спортист: Роберто Ацковски

Млада спортистка: Магдалена Божиновска