24фудбал

Како Лука Станковски завршил во Монца, Бобан му се јавил на Галијани: Шефе, мора да го видиш детево!

Новинарот Џанлука Ди Марцио открива повеќе детали за преселбата на Лука Станковски во Монца, вели дека Звонимир Бобан лично го препорачал Македонецот на Адриано Галијани.

Македонија

Големиот талент на Работнички беше на мета на многу клубови ширум Европа, се говореше за интерес од Црвена Звезда, Динамо Загреб, ПСВ Ајндховен и Фенербахче а медиумите од Италија сега пишуваат за интерес на Порто, клубови од Ла Лига и Белгија... но битката за Лука Станковски ја доби Монца и за ова голема заслуга има Звонимир Бобан.

Легендата на Милан кога видел за каков играч станува збор, веднаш му се јавил на Адриано Галијани, кој сега е прв оперативец во Монца, новиот клуб на Силвио Берлускони.

Како што раскажува новинарот Џанлука Ди Марцио, таткото на Лука Станкоовски му се јавил на својот пријател Звонимир Бобан, му испратил видеа и побарал мислење, „Што мислиш за мојот син?“.

Хрватот откако ги простудирал и забележал дека станува збор за голем талент, па ги скокнал посредниците и лично му се јавил на Адриано Галијани, „Шефе, мора да го видиш детево!“.

Не требало многу време за Монца да се заљуби во Лука Станковски а тренерот Броки ќе има задача да му ги поправи маните, или поточно дисциплината во играта.

Се говори дека зделката ќе изнесува околу 800.000 евра плус бонуси или процент од следна продажба а целта е Лука Станковски да стане новиот Сергеј Милинковиќ Савиќ.