24фудбал

Лука Станковски потпишува за Монца на Берлускони

Големиот талент на Работнички, Лука Станковски од јуни ќе биде член на Монца која сега ја водат Силвио Берлускони и Адриано Галијани.

Македонија

Работнички информираше дека се договориле со Монца за трансфер на Лука Станковски, тој од јуни ќе стане член на овој италијански клуб кој се бори за пласман во Серија А.

„Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца“, изјави претседателот Драган Поповски.

Работнички е македонскиот клуб кој најдобро знае да ги продаде своите фудбалери. Лани го продадоа Давид Тошевски на Ростов за 900.000 евра.

Не се познати деталите од трансферот на Лука Станковски, но се чини дека заработката на Работнички и во овој случај не е мала бидејќи за напаѓачот се интересираа клубови како Наполи, Фенербахче, Динамо Загреб, Црвена звезда...