24фудбал

„Како не им е срам! Делегати се во ФФМ, а не знаат кој игра во Прва, а кој во Втора Лига!“

Без стратегија, со маргинализирани клубови без право на глас, со фудбалски имиња изолирани кои никој не ги есапи, со од година во година се полоша и послаба фудбалска лига, македонскиот фудбал сѐ сведува само на жестока битка како да се остане заседнат во фудбалската фотелја која носи безброј привилегии и фудбалски бенефит. Низа фудбалски имиња веќе го кренаа гласот за промени во ФФМ, последен во низа вчера капитенот на репрезентацијата Горан Пандев, објавувајќи ѝ војна на ФФМ...

Македонија

Тони Мицевски е една од македонските легенди, член на првата генерација на репрезентацијата, поранешен капитен на црвено-жолтите, со над 40-на настапи за А-репрезентацијата, интернационалец со бундеслигашко искуство... Битолчанецот кој остави силен белег во македонскиот фудбал, кој учествуваше во изградбата на македонската репрезентација, јавно проговори за потребите да се случат промени во македонскиот фудбал за да се спречи назадување на комплетниот македонски фудбал.

„Мора едно да разбереме, фудбалот е на фудбалерите и на успешните луѓе кои сакаат и работат во фудбалот. Гледам Горан Пандев сега го крена гласот, иако мислам дека можеби требаше и многу порано да го стори тоа, уште пред една година, сето ова да се каже. Кај нас нема никаква стратегија, лигата ни оди наназад, клубовите се борат со беспарица, немаме инфраструктура... ФФМ мораше и требаше да направи многу повеќе“, почнува Мицевски.

Македонскиот фудбал одамна е заглавен во калта, без оглед на фалбите за подобрување на инфраструктурата и постојаното посочување дека ФФМ инвестира, но фудбалскиот развој сепак не е само изградба на трибини.

„Во овие десет години требаше да се направам многу терени, да се инвестира во младинската школа. Македонија е расадник на таленти, Битола, Тетово, Струмица, Скопје...Ние децата ги имаме, ама треба(ше) многу повеќе да им обрнеме внимание, мораше фудбалските имиња да бидат вклучени, зашто во ФФМ колку што гледам нема многу фудбалски имиња, а вработувања има, 30-40 нови луѓе но ниту едно фудбалско име. Па има фудбалски имиња кои не може да врзат крај со крај, живеат со по 200 евра месечно. Сакам да посочам дека во фудбалот и посебно во ФФМ, мора да има многу повеќе место за фудбалските луѓе.Јас немам ништо против да се гради, ама сето тоа е премалку. Еве со години се фалат дека ФФМ ќе стави рефлектори во Битола, а тој проект е уште на Петар Милошевски, во времето на Илчо Ѓорѓиоски кога беше потпишан договорот со општината. Не може денеска со тоа да се фалат луѓето што се во ФФМ“, додава Мицевски.

Сепак, во македонскиот фудбал сѐ се сведува на фудбалските избори, кој ќе стане претседател, кој какви привилегии ќе добие. И сето тоа лежи во организациската поставеност и основата се оштинските сојузи. Веќе голем дел од клубови го кренаа гласот барајќи да се усогласи Законот за спорт со Статутот на ФФМ, но ФФМ упорно одбива да го стори тоа, со кое мнозинство на делегати во Собранието ќе имаат клубовите, па со тоа и тие ќе решаваат за иднината на фудбалот во земјава.

„Основата сепак лежи во општинските фудбалски сојузи, а тие имаат премногу моќ за да решаваат за фудбалот во Македонија. Не може еден ОФС, без оглед дали е Битола, Прилеп или од друго место да има седум делегати, а од нив – ниту еден од клубовите! Ова не е добро за фудбалот, мора да се смени системот, мора систематски да се решава, мора клубовите да се тие што решаваат. Не може ОФС да има исти делегати постојано 17-18 години. Едни те исти луѓе се. Мене би ми било срам после шест-седум години повторно да сум делегат. Не може ОФС да има шест-седум делегати, а ниту еден од нив да е клуб. Како е можно, а има ОФС-а да имаат делегати, а да немаат лига. Видете, немам јас против никого ништо, ама ако сакаме напредок мора да имаме системски промени, инаку ќе тапкаме во место“, посочува Мицевски.

Легендарното и брзоного крило не гледа проблем во тоа кој би бил претседател, туку проблемот е дали претседателот, како на општинскиот сојуз, така и на ФФМ, работи во интерес на фудбалот, па го посочува бизнисменот Живко Мукаетов, првиот човек на ракометната федерација како пример дека ја има довербата зашто работи исправно.

„Ако некој претседател, било да е на ОФС или на ФФМ, во ред е да биде избран, ама ако работи во интерес на фудбалот. Еве најдобар пример е Живко Мукаетов во ракометната федерација. Трет мандат доби на чело, а зошто го доби? Зашто сите се за него, зашто клубовите, луѓето во ракометот се задоволни. Во фудбалот што имаме, бивш фудбалер да не може ни да се кандидира?! Мора да има промени и тоа системски промени. Колку члена има Собранието на ФФМ, 96? Во Германија има 105, а Германија е 80 милиони! Собранието на ФФМ мора да се сведе на 50-55 делегати. Со ваква поставеност, не се возможни никакви промени“, вели Мицевски.


Тој посочува дека клубовите мора да добијат на важност, а со тоа на спонзорите да им се чуе гласот, зашто во ситуацијата како што е сега, ако се продолжи ќе нема ни кој да инвестира во фудбалот во иднина

„Кога зборувам за системски промени, велам прво за промени според Законот за спорт, а тоа е дека на клубовите мора да им се даде поголема важност. Тие мора да дадат повеќе делегати. Спонзорите кои даваат по пола милион или милион евра мора да им се чуе гласот. Едноставно е, ако мојот глас како спонзор на клуб не се чуе и не се цени, зошто би продолжил да инвестирам, зошто некој спонзор би продолжил да инвестира? Ќе се доведеме во ситуација да нема кој да инвестира во фудбалот во Македонија. Клубовите се тие кои мора да имаат влијание, да бидат тие што ќе ја водат фудбалската организација. Мора да им се даде и поголемо внимание на фудбалските имиња, не може нив да ги игнорирате. Јас немам ништо против никого, со сите добро живеам, но ако сакаме напредок, ако сакаме да одиме напред, мора на фудбалските луѓе и имиња да им се даде збор, да се чуе нивното мислење. Ова како што е сега, не личи на ништо, а и како се однесуваат сите баш им е гајле. Па половина од делегатите не знаат ни 50 отсто кој игра во Прва, Втора или трета лига. Тие делегати кои се сега, се дојдени само за кревање рака и ништо повеќе. За жал поради лични интереси се спремни да згазат преку имиња како Дарко Панчев, Митко Стојкоски, Артим Шаќири, Илија Најдоски и сега да не набројувам понатаму, има многу имиња, кои ги нема во фудбалот во Македонија. Знаете што значи да сте биле репрезентативец во Германија, па и капитен? Таквите луѓе ги ценат повеќе и од претседател, политичари... Ама... Жално е во фудбалска федерација да нема ни едно име, а имаме многу. Во ФФМ нема никој, кога ќе појдам на стадион во ложата не знам никого“, потенцира Мицевски.

Клубовите се маргинализирани, ФФМ и во оваа корона-криза не се претргна многу да помогне, ама запрепастувачки се информациите кои кружат за поделена премија за членовите на УО поради пласманот на Македонија на Евро 2021, од кое како награда од УЕФА за пласман ќе добие федерацијата 9,25 милиони евра, а третина од парите им ги подели на фудбалерите и стручниот штаб. Дури и Пандев во вчерашното обраќање ги поткачи „фотелјашите“ посочувајќи дека се кријат зад успесите на репрезентацијата и во памет им е само наградата што си ја поделиле.

„Слушам за некаква награда која се делела, а видов и Горан дека ја споменува. Ова го нема ама баш никаде на светот. Постоеше начин тие пари да се поделат, ама зошто си ги поделил УО? Па тие членови во УО добиваат пари, зашто добиле награда? Зошто земале пари? Па подобро ќе беше со тие пари да се изградат три-четири вештачки терени. Можеше ФФМ многу попаметно да ги потроши тие пари, да им помогне на клубовите, можеше барем некои трошоци да им покрие. Па има клубови каде фудбалерите не земале плата четири-пет месеци, а тие имаат семејства, живеат од тие пари... Па само видете ја лигата, освен една-две екипи, сите други се борат за опстанок – за гол-живот. Корона-кризата ги погоди сите, го погоди стопанството, таму нема веќе многу пари за инвестиции, а ФФМ – ништо. Требаше да им покријат патувања, сместувања, па дури и плати на фудбалерите... Ама, сите си молчат. И видете, што другите спонзори да кажат, кога еден Горан Пандев, кој инвестирал досега сигурно три-четири милиони, вели дека може да се повлече“, вели Мицевски.

Колку да е радост пласманот и историскиот успех на Македонија на континенталниот шампионат, толку продолжувањето на фудбалското функционирање по стар принцип ќе го остави македонскиот фудбал заглавен во калта.

„Јас сум дел од првата генерација, сите ние сме граделе нешто во репрезентацијата, почнувавме во момент кога немавме ништо, немавме ни патики, ни копачки и сега треба да се гордееме со пласманот на ЕП.Јас сакам да ѝ честитам на репрезентацијата, на стручниот штаб за пласманот на Македонија на Европското првенство. Нѐ направија горди сите. Многу сум горд и среќен на тој пласман, се чувствувам како да сум дел од оваа репрезентација. Ама, ако вака се продолжи, а веројатно ќе се продолжи, Сејдини нема да има противкандидат, треба добро да се запрашаме – каде одиме? Ќе тапкаме во место, ќе остане сѐ исто, истите делегати. Мора да има промени, прво на начинот на кој се бира претседател на ОФС, да не е како сега се собрале во кафуле, пицерија и го изгласале претседателот. А, еден Пелистер го нема, го нема ни Новаци и уште 40 отсто од клубовите во Битола. Моја желба е да има што е можно повеќе фудбалски имиња во македонскиот фудбал“, завршува Мицевски.

Извор: Спорт1