24фудбал

Некој ја оплеска работата, најскапото засилување во историјата на Ајакс го нема на листата за Лига Европа

Ајакс доцна синоќа потврди дека е направена грешка и најскапото засилување во нивната историја, Себастијан Алер не е на листата фудбалери пријавени за настап во Лига Европа.

Лига Европа

Ајакс реши да го одврзе ќесето во зимскиот преоден рок и да го донесе напаѓачот Себастијан Алер од Вест Хем за сума од 22,5 милиони евра, што е нивен рекорд.

Французинот, кој ги брани боите на Брегот на Слоновата Коска, добро ја започна кариерата во Амстердам и забележа два гола и четири асистенции на шест меча од првенството на Холандија.

Но тој нема да може да помогне во двомечот со Лил во шеснаесетфиналето од Лига Европа откако не се најде на листата фудбалери пријавени за настап во најмасовното натпреварување на стариот континент.

Откако за ова алармираа навивачите на социјалните мрежи, портпаролот на Ајакс се огласи и изјави: „Навистина го нема неговото име на списокот, се обидуваме да утврдиме каде е грешката. Стапивме во контакт со Фудбалската федерација на Холандија и со УЕФА“.

Ајакс се надева дека грешката не е кај нив, па УЕФА ќе направи компромис и ќе дозволи играчот да биде на располагање.

Второто зимско засилување, Усамна Идризи го има на списокот.