24фудбал

Мбапе објасни зошто толку многу му ја мисли за новиот договор со ПСЖ

Килијан Мбапе вели дека сака добро да размисли што ќе прави во следните неколку години па затоа се уште не донел одлука за својата иднина и понудата за нов договор од ПСЖ.

Франција

Французинот е обврзан кон „светците“ до јуни 2022, на маса има предлог за продолжување на соработката, но се уште нема одговорено на понудата од ПСЖ.

По синоќешната победа од 4-0 над Монпеље, Килијан Мбапе проговори на оваа тема и објасни зошто толку многу му ја мисли за новиот договор.

„Разговараме со клубот, за тоа каков е проектот. Размислувам бидејќи ако ставам потпис на нов договор, ќе го сторам тоа за да останам долги години во ПСЖ“ - вели Килијан Мбапе.

„Многу сум среќен тука, отсекогаш сум бил среќен. Фановите, клубот... секогаш ми давале поддршка и ми помагале и за ова вечно ќе им бидам благодарен“.

„Но треба добро да размислам што сакам да правам во следните неколку години, каде сакам да бидам. Знам дека ќе морам да донесам одлука во скоро време“.

„Не сакам да ставам потпис на нов договор и потоа една година подоцна да изразам желба да заминам и да велам дека не сум сакал да потпишам договор. Ако го продолжам договорот, ќе го продолжам за да останам со години и затоа процесот на носење одлука трае долго“.

Доколку Килијан Мбапе не стави потпис на нов договор, ПСЖ ќе биде принуден да го продаде по крајот на сезоната за да не го загуби беспари во 2022 година.

Реал Мадрид подолго време се посочува како главен фаворит за потписот на Французинот, но се верува дека во игра се уште неколку клубови, помеѓу кои и Ливерпул.