24фудбал

Клатенбург „удри“ по Клоп: Мора да е загрижен, не коментираше вака кога победуваше

Поранешниот судија Марк Клатенбург го нападна Јирген Клоп во својата колумна за Дејли Мејл, вели дека тренерот на Ливерпул очигледно е загрижен па затоа коментира дека судиите го фаворизираат Манчестер јунајтед.

Англија

По поразот од Саутемптон, Јирген Клоп реши да се пожали од судиите и обвини за двојни аршини.

„Слушам сега дека Манчестер јунајтед имал повеќе пенали за две години отколку јас за пет и пол години колку што сум тука“ – прокоментира Германецот.

Тој исто така посочи дека неговиот тим требал да добие барем два пенали против „светците“, особено доколку неговите играчи глумеле како што тоа го прават фудбалерите на „ѓаволите“.

Ова не му се допадна на поранешниот судија Марк Клатенбург, кој во својата колумна за Дејли Мејл реши да „удри“ по тренерот на Ливерпул.

„Јирген Клоп мора да е загрижен, неговите коментари за Манчестер јунајтед и пеналите се исти како оние на Сер Алекс Фергусон од минатото. Тоа се умствени игри, обид да се влијае врз судијата Пол Тирни и да се влезе во неговата глава пред големиот натпревар во недела“ – пишува Клатенбург.

„Тој не сака да губи, никогаш не сакал да губи. Не се однесуваше вака минатата сезона кога Ливерпул победуваше секоја недела“.

„Очигледно сега е напнат, од времето на Фергусон не сум видел ваков бесрамен обид да се влијае врз судија во пресрет на голем натпревар“.