24фудбал

Мурињо: Штета што во Македонија немаше фанови на стадионот кога игравме таму

На прес-конференцијата пред мечот од ФА Купот против Марин, Жозе Мурињо ја спомна и Македонија велејќи дека е штета кога клуб како Тотнем оди на места каде што не играат често големи клубови и овие натпревари се играат без публика.

Англија

Мечот против Тотнем за Марин ќе биде историски. Тие се клуб од осмата лига во Англија и досега не играле официјален натпревар против тим од нивото на Тотнем.

Во нормални услови нивниот стадион ќе беше исполнет до последното место, а и клубот ќе имаше финансиски поголем бенифит.

Мурињо оваа ситуација ја спореди и со мечевите од квалификациите во Лига Европа кога Тотнем играше во Македонија и Бугарија, тој верува дека и кај нас стадионот ќе беше полн на мечот против Шкендија, а клубот и навивачите ќе имаа далеку поголем бенифит ако не беа приморани да играат без публика.

„Штета за нив, штета што не може да имаат навивачи на стадионот, го кажав тоа и во Лига Европа кога бевме во Македонија и во Бугарија, да ги играш овие натпревари без публика не е само економски проблем туку и емоционално е многу тажно. Можевме само да го замислиме ентузијазмот во Македонија да го имаат Тотнем таму, и сега одиме во Марин што е историски меч за нив и навистина ни е жал што стадионот ќе им биде празен и тие нема да уживаат славејќи го тој ден. Но читав дека луѓето им помагаат на разни начини, Карагер им дава поддршка на еден начин, фановите купуваат виртуелни билети и тоа е убаво, не е тоа што тие го сакаат но е убаво. Јас сум фокусиран на спортската страна од мечот и ние нашата почит ќе им ја дадеме со тоа што таму ќе излеземе со добар тим и ќе одиме на победа“, изјави Мурињо.

Марин е клуб од Ливерпул, Џејми Карагер им даде финансиска помош пред овој натпревар, а навивачите купуваат и виртуелни билети со цел клубот барем да ја собере сумата која би ја собрал од полн стадион кога веќе не може да ја добие поддршката од физичкото присуство на навивачите.

Дополнително Ливерпул на Марин му помага и за анализирање на Тотнем, на располагање им ги даваат сите податоци кои ги имаат за тимот на Мурињо, но Португалецот нема проблем со тоа, напротив вели дека тоа е нормално.

„Тоа што Ливерпул му помага на Марин мислам дека е нормално. Тие се соседи, сигурен сум дека има емоционална поврзаност меѓу нив и ако тие им даваат анализи за нас, ако им даваат достапност до одредени податоци за нас кои тие ги немаат, тоа го сметам за апсолутно норлмално“.