24фудбал

ФФМ одлучи, приоритет за купување на влезници за ЕП ќе имаат медицинските лица

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини изјави дека приоритет за купување на влезници за Европското фудбалско првенство на кое ќе учествува Македонија ќе имаат медицинските лица кои се во првите редови во борбата против ковид-19.

Македонија

Поради пандемијата на ковид-19, УЕФА се уште нема донесено конечна одлука за бројката на влезници која ќе биде во продажба. Ако остане како што се предвидуваше претходно, тогаш на Македонија ќе и следуваат околу 20.000 влезници по натпревар.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини вели дека донеле одлука приоритет во купувањето да имаат медицинските лица.

„Би сакал заедно со Вас да споделам една благодарна иницијатива која заедно со Управниот одбор на федерацијата ја преточивме во одлука, а се однесува на распределбата на влезниците за Европското првенство 2021 година”, вели Сејдини.

„Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на влезниците за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство”. 

„Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата биде под контрола, како резултат на натчовечките напори и заложби кои секојдневно ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид - 19 (доктори, сестри, технички персонал)”. 

„Јасно ми е дека ова е премалку, но чуствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности”. 

„Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и заштитната униформа со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство”.