24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Играта на Велбек ветува драгоцени бодови за посакуваната разлика

Пред нас се возбудувањата во рамките на 11 коло во англиската Премиерлига, коло во кое еден натпревар е одложен поради ковид-19, ситуација која им создаде проблеми на голем број натпреварувачи на Фантази.

Останато

Добредојдовте во најновото издание од едицијата „24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“ како помошна алатка за нашите натпреварувачи на мега популарната фудбалска платформа, 11 коло во Премиерлигата требаше да стартува вечерва со дуелот помеѓу Астон Вила и Њукасл, меѓутоа истиот е одложен поради напливот на заразени со ковид-19 во составот на Њукасл, а засега не е познато кога тој ќе се одигра, едно е сигурно, ќе има двојно коло за обете екипи, а Астон Вила има дополнително уште еден меч заостанат од првото коло со Манчестер Сити.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

За десетото коло препорачавме да ја искористите опцијата „вајлд-карта“, со тоа што веќе завршија репрезентативните обврски на фудбалерите, а паузата од тие обврски ќе трае до март, а изборот од претходното коло кој го препорачавме донесе 40 освоени бода во коло каде просекот изнесуваше 44 бода.

Претходната анализа: Вистински момент за искористување на вајлд-картата, но и за Џејми Варди

Кансело не доби прилика за настап од Гвардиола во убедливата победа на Манчестер Сити над Барнли со 5-0, па уште еднаш се покажа како голем ризик да селектирате фудбалер на „Граѓаните“ поради ротацијата која често ја практикува нивниот тренер, останува од поодамна јасниот заклучок дека само Де Брујне е „сигурен“.

Кастањ не успеа да се рехабилитира за пресметката на Лестер со Фулам која заврши со големо изненадување и пораз на фаворитот на свој терен, а Фоден не доби прилика од Гвардиола да почне од првата минута против Барнли, па иако влезе од клупата за резерви, запиша скромен учинок со асистенција.

Фудбалерот кон кого беа вперени сите очи претходното коло, односно фудбалер на кого најголемиот дел од натпреварувачите му ја доверија капитентската лента, Варди, потфрли како и сиот тим на Лестер во мечот каде составот на Роџерс требаше да направи исчекор и да ја потврди огромната фаворитска улога, но, им се случи Фулам, а Варди запиша само асистенција во поразот од 1-2, на разочарување на голем број натпреварувачи.

Како и да е, радува фактот што оние фудбалери кои ги препорачавме како дополнителни опции за да ги разгледате, едноставно покажаа дека можат да ја направат потребната разлика во бодовите, тука најпрво доаѓа голманот на ВБА, Сем Џонстон кој освои одлични 11 бода во минималниот триумф над Шефилд Јунајтед.

Нашиот Алиоски реализираше клин-шит на гостувањето на Лидс кај Евертон, а кога сме веќе кај дефанзивната линија, и натаму останува отворена дилемата околу Мичел и неговото место во Кристал Палас кое веќе си го врати Ван Анхолт.

Наведовме дека добра опција за вашиот тим би бил и Вилсон кој беше играч на мечот во гостинската победа на Њукасл кај Кристал Палас, каде освои 12 бода откако постигна гол и асистенција.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Во последниот дел пред самата селекција, традиционално ќе обрнеме внимание на актуелната ситуација во поглед на трансферите, а мошне интересна е сликата кај најкупуваните фудбалери во пресрет на ова коло.


Најкупуван за 11 коло е Жота од Ливерпул, кој погоди во два меча во серија за „Редсите“, а викендов ќе ги одмери силите со својот поранешен клуб Вулверхемптон, од каде дојде на „Ендилф“.

На второто место е Марез по неговиот хет-трик за Манчестер Сити минатото коло, а со оглед на големата неизвесност во одлуките на Гвардиола и честата пракса на овој тренер да прави големи ротации во тимот, ова и повеќе од веројатно е дека е ризичен потег, од причина што и самиот Гвардиола со изјавата од пред неколку денови навести дека голови им се потребни и на Фоден, Стерлинг и останатите, инаку двоецов беше на клупата на претходниот меч за „Граѓаните“.

Ворд-Праус се покажа како одлична алтернатива и повторно е дел од најкупуваните фудбалери во пресрет на едно коло откако фудбалерот на Саутемптон имаше фантастично издание против Манчестер јунајтед каде постигна гол и асистенција.

Сепак, фактот што Вилсон се најде на оваа листа со над 200 илјади натпреварувачи нови зад своето име доволно говори дека голем дел од натпреварувачите (не сите) не играат трпеливо, односно го купиле пред да биде објавено дека гостувањето на Њукасл кај Астон Вила е одложено.

Во оваа петорка се најде и неверојатниот Фернандеш кој е вистински мотор во играта на Манчестер јунајтед.

Во однос на листата на најпродавани фудбалери во пресрет на ова коло, таму лидер е Заха од Кристал Палас кој беше позитивен на ковид-19, а повеќе од веројатно е дека таквиот статус ќе остане и за ова коло, забележавме дека во текот на оваа седмица „светна“ црвено над неговото име, а нам ќе ни остане дилема дали офанзивецот кој на одличен начин ја стартуваше новата сезона бил позитивен на заразата и во текот на тестирањето оваа седмица, веројатно е дека тоа е така.

Хименез се повреди на гостувањето кај Арсенал и ќе отсуствува на натпреварите за Вулверхемптон, а Родригез од коло во коло понуди само разочарување за големата бројка натпреварувачи кои го селектираа по неговиот одличен старт во Премниерлигата, на оваа листа е воедно и неговиот соиграч Дињ кој е повреден, а натпреварувачите се ослободуваат и од Грилиш кого со Астон Вила нема да го гледаме ова коло.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Кристал Палас не делува дека има некои посебни реализаторски способности во завршницата од нападите, за што се потврди на мечот со Њукасл каде го немаше Заха во својот состав, повеќе од веројатно е дека така ќе биде и викендов, а тоа е шанса за Сем Џонстоун (4.5) кој претходното коло беше играч на мечот во минималниот триумф за ВБА против индиспонираниот сезонава, Шефилд Јунајтед.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Иако свесни за неверојатната ротација која Гвардиола ја практикува постојано, сепак за ова коло ќе му укажеме доверба на Рубен Диаш (5.6) во мечот каде Манчестер Сити е голем фаворит во дуелот против Фулам, кој претходното коло направи изненадување со гостинската победа кај Лестер. Минатото коло го селектиравме Кансело, но тој „настрада“ во ротацијата на Гвардиола, а на негово место играше Менди кој постигна и гол, па и повеќе од веројатно е дека Диаш е „сигурен“ во однос на оваа тема, иако не би било изненадување дури и тој да биде на списокот на Гвардиола за ротација ова коло.

Забележавме дека Рикардо Переира се врати од повредата која го одалечи неколку месеци од теренот, португалскиот бек запиша настап во гостувањето на Лестер кај Зорја во Лига Европа, а на големиот број натпреварувачи кои го имаат Џејмс Џастин (4.9) им навести дека се ближи денот кога тоа целосно ќе се промени. Како и да е, Лестер гостува кај Шефилд Јунајтед ова коло, а ова секако е еден од последните натпревари за Џастин како стартер, барем такви се очекувањата на мнозинството љубители и познавачи на островскиот фудбал.

Тарик Лампти (4.8) се враќа во стројот на Брајтон откако заработи исклучување во гостинската победа кај Астон Вила, па немаше можност да настапи во ремито против Ливерпул. Во понеделник составот на Брајтон на домашен терен го пречекува незгодниот Саутемптон, меѓутоа избраниците на Грем Потер би можеле до победа, а имајте на ум дека Лампти во реалноста всушност игра како крило и често го гледаме на противничката половина.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Навистина е тешко сезонава да играте без Бруно Фернандеш (10.9) во своите тимови, тоа се покажа во многу ситуации, а дека Португалецот е вистински мотор во својот тим, доволно говори и фактот што три кола во низа запиша над 10 бода (17,11,10), викендов „Црвените ѓаволи“ гостуваат кај Вест Хем, и добро е што станува збор за гостување, од причина што избраниците на Солшер се релативно „очајни“ на свој терен сезонава.

Со мала доза на неизвесност, најмногу поради непредвидливата ротација која често ја врши Гвардиола, сепак ќе му укажеме доверба и на Кевин Де Брујне (11.7) од кого и натаму многу работи во играта на Манчестер Сити зависат на теренот. Викендов „Граѓаните“ на домашен терен го пречекуваат Фулам, а Белгиецот претходното коло заокружи 10 бода откако запиша две асистенции во убедливиот триумф над Барнли, а беше одморен во Лигата на шампионите.

Мохамед Салах (12.2) се врати откако претходно мораше да помине период во изолација поради контактот со ковид-19, а Египјанецот му се налути на Клоп кој одлучи да го повлече од игра уште во 63 минута на гостувањето кај Брајтон каде запиша асистенција во голот на Жота. Нема сомневање во тоа дека Салах е „гладен“ за голови, па големи се очекувањата од офанзивецот во дуелот со Вулверхемптон на домашен терен, иако нема да изненади доколку Клоп првично го стави на клупата за резерви како „воспитна“ за неговата реакција претходното коло, сепак, оваа можност е минимална.

И повеќе од јасно е дека ако очекувате бодови од Сон (9.5), тоа најмногу треба да го очекувате на дерби пресметките за Тотнем, за што сведочи и статистиката, иако Кореецот запиша бодови и на дуелите со Вест Хем и Барнли, меѓутоа потфрли и разочара милиони натпреварувачи каде беше апсолутен фаворит во изборот против Брајтон, Ваба, па и Њукасл нешто порано од тоа. Сепак, Сон и Тотнем на домашен терен го пречекуваат Арсенал во градското дерби на Лондон, па сигурно ќе биде прва опасност кон голот на гостите кои не можат да се пофалат со добар старт на новата сезона.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Иако разочара претходното коло и влезе во сето сивило на Лестер во неверојатниот кикс на домашен терен и поразот од Фулам, сепак Џејми Варди (10.3) барем запиша асистенција како ублажување на болката, а очекувањата од напаѓачот се исто така големи и за гостувањето кај индиспонираниот сезонава Шефилд Јунајтед.

Евертон тргна одлично со Хамес Родригез, меѓутоа Колумбиецот падна драстично во неговата форма, а тоа несомнено се одрази и во играта на „Карамелите“ кои реално не делуваат доста убедливо на теренот, тоа е секако шанса за Барнли кој може да изненади на утрешниот меч со кој стартуваат возбудувањата од 11 коло, а токму од тие причини ќе му укажеме доверба на Крис Вуд (6.2).

Не е шега, Дани Велбек (5.5) се враќа, а дека е така напаѓачот испрати мошне јасни сигнали на дуелот со Ливерпул каде имаше одлично издание, а токму врз него беше направен прекршокот за најстрога казна со која домаќинот израмни и освои бод голем како планина против фаворитот. Ова коло Брајтон на домашен терен го пречекува Саутемптон кој сезонава е повеќе од добар, но очекуваме Велбек да не потсети на неговите стари добри времиња.

Нешто повеќе за Велбек, позитивно во однос на оваа тема е секако враќањето на Лампти кој знае да биде голема опасност кон противникот на крилната позиција, а тоа би значело шанса за асистенција токму до Велбек.

Дополнително, Велбек ги одигра сите минути на последните два меча, претходното коло запиша асистенција, а пред тој меч, го постигна голот за водство во победата на гостувањето кај Астон Вила. Дали Велбек може да направи разлика? Да, убедени сме во тоа, а причина плус е секако контроверзното однесување на Нил Мопе кој против Ливерпул промаши од белата точка и веднаш излезе од теренот жалејќи се на повреда, па полека но сигурно Велбек станува прва опција кај Грем Потер во однос на нападот.

Зошто Велбек може да ја направи потребната разлика? Едноставно е, бидејќи има само 0.5% од натпреварувачите кои го селектирале во нивните состави.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Предлог-состав: Џонстоун (4.5); Диаш (5.6), Џастин (4.9), Лампти (4.8); Фернандеш (10.9), Де Брујне (11.7), Салах (12.2), Сон (9.5); Варди (10,3). Вуд (6.2), Велбек (5.5)

Капитен: Кевин Де Брујне

Заменик-капитен: Џејми Варди

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

За крај традиционално ќе завршиме со еден краток осврт на случувањата во однос на табелите во Македонија на генерална основа, како и 24фудбал.

Во Македонија во генералниот пласман лидер е Дејан Чилаковски со досега освоени 703 бода, имате можност да го проследите неговиот избор од претходното коло.


Што се однесува пак до табелата во лигата на 24фудбал, таму лидер е Александар Димовски со досега освоени 684 бодови, имате можност да го проследите и неговиот избор од претходното коло.


Среќно до сите натпреварувачи за ова коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на 24фудбал, кодот е следен: unckad