24фудбал

Наполи и Елмас во последното коло ќе бркаат пласман во следната фаза од ЛЕ, Велковски му даде гол на Сосиедад (ВИДЕО)

Наполи не успеа уште денеска да го завери пласманот во следната фаза од Лига Европа, одигра само 1-1 на гостувањето кај АЗ Алкмар, Реал Сосиедад и Ријека одиграа 2-2, нашиот Дарко Велковски постигна погодок со глава.

Лига Европа

Наполи со победа над АЗ Алкмар ќе го решеше прашањето за пласман во нокаут фазата, но не успеа иако имаше фантастично отварање на мечот.

Мертенс уште во шестата минута постигна гол за водство од 1-0.

По девет минути игра во вториот дел, Мартинс Инди изедначи на 1-1, а в 59. минута АЗ Алкмар имаше голема шанса за пресврт, но промашија пенал.

Елмас во игра влезе во 58. минута.

Реал Сосиедад влезе како голем фаворит против Ријека, но одигра само 2-2.

Натпреварот го отвори нашиот Дарко Велковски кој во 37. минута постигна гол со глава за водство на Ријека од 1-0.

Во 69. минута, Сосиедад изедначи преку Џон, но четири минути подоцна Лончар повторно донесе предност за Ријека. Сепак Монреал на десет минути пред крајот донесе бод за шпанскиот тим.

Наполи е прв со десет бода, Реал Сосиедад и АЗ Алкмар имаат по осум, Ријека е последна само со бод.

Во последното коло Наполи го пречекува Реал Сосиедад во директен дуел за пласман во следната фаза, но има математики според кои и двете екипи можат да одат понатаму.