24фудбал

Без голови на лондонското дерби, Тотнем се врати на врвот во Премиерлигата (ВИДЕО)

Немаше голови на големото дерби на Стемфорд Бриџ меѓу Челси и Тотнем, тимот на Жозе Мурињо повторно е прв во Премиерлигата и таму ќе остане најмалку до следното коло.

Англија

Иако Челси и Тотнем беа меѓу најефикасните екипи во Премиерлигата, на нивниот меѓусебен дуел мрежите мируваа, а и немаше многу шанси.

Жозе Мурињо и Френк Лампард тактички се надмидруваа, сините ја имаа повеќе топката во своите нозе, но имаа само две вистински прилики за гол, и двете беа во второто полувреме.

Еднаш Маунт се закани со шут од далечина, Лорис чудесно интервенираше, а втората шанса им беше во судиското продолжение кога Жиру не искористи една грешка на Родон.

На Тотнем му припаднаа првата и последната шанса на мечот. Во првиот дел Орие биеше силно од далечина, Менди го одбрани неговиот удар. Во последната минута од мечот, Ло Селсо се најде во добра прилика, можеше да го проигра Кејн, но се реши да бие и лошо го направи тоа.

На крајот ремито е најзаслужен резултат. Тотнем се врати на првата позиција, има ист број на бодови како и Ливерпул, но подобра гол разлика, Челси е на третото место со два бода помалку од водечкото дуо. 

Утре Лестер го игра својот меч против Фулам, ако победи ќе има исто бодови како и Тотнем и Ливерпул.

Во следното коло се игра големото дерби на Северен Лондон, Тотнем го пречекува Арсенал.