24фудбал

Кривични пријави за навивачи на Тиквеш поради напад врз полицаец (ВИДЕО)

МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава за двајца навивачи на Тиквеш поради напад на службено лице, се работи и на откривање на идентитетите и на други навивачи.

Македонија

Вчера во Штип пред мечот меѓу Брегалница и Тиквеш се случи голема навивачка пресметка меѓу Фаланга и Лозари од која подебелиот крај го извлече полицијата која не беше подготвена за ваков настан.

МВР во денешниот билтен соопшти дека е поднесена кривична пријава против двајца навивачи, а се работи на утврдување на идентитетот и на други лица по што бројот на кривични пријави може да биде зголемен.

„На 28.11.2020 околу 13.20 часот на ул. „Борис Кидриќ“ и ул.„Партизанска“, кај кружниот тек во Штип, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу навивачките групи на ФК Брегалница од Штип и ФК Тиквеш од Кавадарци.

Полициски службеници кои вршеле службени дејствија со намера да го спречат нарушувањето презеле соодветни дејствија. При тоа полициски службеник од страна на Н.Д.(20) и Х.Ѓ.(21) двајцата од Кавадарци бил нападнат со тврд предмет и со пиротехничко средство.

Против Н.Д. и Х.Ѓ. ќе биде поднесна кривична пријава за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“ по чл.383 ст.1 од КЗ. Од страна на полициски службеници од СВР Штип и СВР Велес - ОВР Кавадарци се преземени координирани мерки при што до сега е утврден идентитетот на 17 учесници во овој настан.

Лицата се повикани на информативен разговор во службените простории, а се преземаат мерки за утврдување на идентитетот и на останатите учесници во настанот. По целосно документирање и против останатите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, се вели во билтенот на МВР.