Категорија: Македонија 28.11.2020 19:39
Денеска низ улиците на Штип се водеше „војна“ меѓу навивачките групи на Брегалница, „Фаналга“ и на Тиквеш „Лозари“, во кои имаше повеќе повредени.
И покрај тоа што не е дозволен влез на стадионите за навивачите, навивачката група на Тиквеш допатува во Штип, а полицијата не беше спремна за интервенција, па дојде до тепачка меѓу двете групи.
ФК Брегалница излезе со соопштение:
„ФК Брегалница изразува жалење за несаканиот инцидент кој се случи меѓу дел од навивачите на Брегалница и Тиквеш во пресрет на денешниот дерби натпревар од 14. коло во Втората лига - Исток.
Несаканите сцени апсолутно не се во согласност со начелата кон кои тежнее ФК Брегалница како клуб кој е максимално посветен на определбата за исфрлање на насилството од терените и надвор од нив, и вистински спортски пријател со сите фудбалски чинители во Македонија. Отворено го искажуваме нашиот став за осуда на таквите случувања кои, секако, од ниту еден аспект не може да се поддржат и оправдаат, а кои единствено нанесуваат штета на фудбалот воопшто.
Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ФК Брегалница да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија“, се вели во соопштението на Брегалница.