24фудбал

Барса во Мингуеза доби решение во дефанзивата, тој ги сподели чувствата за своето деби

Оскар Мингуеза се покажа како одлична замена за Жерар Пике, 21-годишниот дефанзивец беше асистент за погодок и помогна Барселона да не прими гол во Киев.

Шпанија

Откако Пике се повреди, се шпекулираше дека Оскар Мингуеза од Барселона Б ќе биде прекомандуван во првиот тим и ќе добие шанса. Тоа и се случи, Куман мечот во Киев го стартуваше со него.

Куман вчера од почетокот на мечот им даде шанса и на Педри, Тринкао, Дест, Алена и Фирпо. Алба и Гризман беа на клупата, а Меси не ни отпатува во Киев. Барселона имаше еден нов лик и тоа се исплатеше. Каталонците победија со 4-0 и на коло до крајот го заверија пласманот во следната фаза.

Значајно беше дебито на Мингуеза поради кризата на централната бековска позиција во моментов. Тој се покажа во одлично издание.

„Навистина, навистина сум среќен по толку многу години и низ се што поминав за да играм тука. Остварување на сонот е да се дебитира во Лигата на шампионите за најдобриот клуб во светот“, вели 21-годишниот Мингуеза по мечот.

„Цела недела ја поминав во исчекување дали ќе играм или не, кога дознав дека сум во тимот бев многу среќен“.

„Бев малку нервозен и мислев на мојата фамилија, мојата девојка и луѓето кои знаат низ што се поминав и колку работев за да дојдам до оваа точка“.

„Се надевам дека ова е стартот на нешто големо. Одиграв добро, не му дозволивме на Динамо многу да игра. Тимот одлично се трансформираше, игравме добро и со топка и без топка“.

Мигуеза доби и пофалби од искусниот Жорди Алба.

„Тој е дете кое долго време тренираше со нас и денеска одигра одличен меч и асистираше за голот на Брејтвајт. Дефанзивно беше многу добар, не изгледаше како да дебитира за првиот тим“, изјави Алба.