24фудбал

Лампард го „пецна“ Клоп: Само титулата на Лестер е како од бајките, Ливерпул потроши богатство

Тренерот на Челси, Френк Лампард вели дека коментарите на Јирген Клоп не биле на место и го потсети Германецот дека „црвените“ потрошиле многу пари за да стигнат до титулата од Премиерлигата.

Англија

Коронавирусот креираше големи дупки во буџетите на клубовите, скоро сите се резервирани при настапот на трансфер пазарот, но тоа не важи и за Челси. „Сините“ потрошија преку 200 милиони фунти за шест засилувања, на пат кон „Стемфорд Бриџ“ е и голманот Едуар Менди а се најавува и престигнување на Даклан Рајс, па бројката може да се искачи и до 300 милиони.

Јирген Клоп, кој потроши само 11,7 милиони фунти на Костас Цимикас од Олимпијакос, порача дека неговите раце се врзани бидејќи тие не се клуб кој како сопственик има држава или олигарх.

Френк Лампард не остана покус, му порача на Германецот дека и Ливерпул потрошил многу пари за да стигне до титулата од Премиерлигата и го потсети на засилувањата кои пристигнаа на „Енфилд.“

„Изјавата на Јирген Клоп ми е малку смешна. Кога зборувате за сопствениците на клубовите, воопшто не е важно од кој бизнис доаѓаат. Во Премиерлигата има прилично богати сопственици. Минатата сезона во неколку наврати ја коментирав приказната на Ливерпул. Сите засилувања им беа на место, на највисоко ниво одработија на трансфер пазарот“ – вели Френк Лапард.

„Но реалноста е дека само титулата на Лестер е како од бајките, сите други кои станаа шампиони во модерната ера, тоа го сторија со трошење на огромни суми на пари на засилувања“.

„Погледнете што стори Ливерпул. Ги купија Ван Дајк, Алисон, Фабињо, Кеита, Мане, Салах. Извонредни играчи на кои потрошија богатство“.