24фудбал

Лампард потврди, три од новите засилувања на Челси нема да играат во првото коло

Челси во понеделник ја почнува новата сезона од Премиерлигата, а Френк Лампард на денешната прес конференција потврди дека во комбинација нема да бидат Зијеш, Чилвел и Тијаго Силва.

Англија

Челси е најактивниот клуб во летниот преоден рок, но Лампард за првото коло нема да може да смета на три засилувања.

Зијеш и Чилвел не се опоравени од повреди, а Тијаго Силва подоцна се приклучи на подготовките па уште не е спремен да дебитира.

„Хаким Зијеш заработи повреда на коленото па нема да биде фит. Се надеваме дека е прашање на недели, неколку недели, но ќе видиме“, вели Лампард.

„Бен Чилвел работи на неговиот фитнес и има подобрувања оваа недела. Се движи во вистинска насока но нема да биде подготвен за Брајтон“.

„Тијаго е во Лондон но не тренираше со нас до викендот, па не мислам дека ќе биде подготвен за натпреварот“.

Кристијан Пулишиќ и Цезар Аспиликуета кои исто така се мачеа со повреди се подготвени.

„Среќен сум што ги имам нив двајца назад. Тие тренираа и се во комбинација за мечот во понеделник. Според начинот на кој работеа може да се види дека повредите се минато за нив“.