24фудбал

Не е ВАР крив кога некој не ги знае правилата и гледа само она што сака да го види (ВИДЕО)

ВАР беше мета на критичарите по крајот на синоќешниот натпревар помеѓу Арсенал и Челси, но видеотехнологијата не секогаш е виновна, особено кога некој не ги знае правилата и гледа само она што сака да го види.

Англија

Арсенал вчера по 14-ти пат стигна до трофејот од ФА Купот откако на Вембли во финалето го победи Челси со 2-1. „Сините“ рано поведоа, но во продолжението од мечот, Обамејанг со два гола донесе пресврт и големо славје.

По мечот беа упатени многу критики на адреса на ВАР и тоа за два спорни моменти. Првиот е исклучувањата на Матео Ковачиќ, многумина сметата дека вториот жолт картон на Хрватот не требаше да биде покажан, но ВАР нема никакви ингеренции тука бидејќи според правилата, видеотехнологијата може да интервенира само доколку се работи за црвен картон.

Во финишот имаше уште една полемична ситуација, голманот на Арсенал, Мартинез фати една долга топка на врвот од шеснаесетникот и од аголот на камерата се чинеше дека игра со рака надвор од казнетиот простор.

Навивачите на Челси не само што се бунеа зошто нема реакција од ВАР, им пречеше и тоа што нема повторени снимки од различни агли. Фрлаа со дрва и камења на социјалните мрежи, а беше објавена и една слика од која наводно се гледа дека голманот на „топчиите“ игра со рака надвор од шеснаесетникот.

Веднаш беше посочено дека сликата е преправана за да се стигне до посакуванта цел и беше објавено видео од кое се гледа дека Мартинез сепак реагирал на дозволен начин.