24фудбал

Ашраф утре пристигнува на лекарски прегледи со Интер, Реал успеал да вметне една клаузула

Скај Спорт Италија пренесува дека Ашраф Хакими утре треба да пристигне на лекарски прегледи со Интер и да го комплетира трансферот на „Џузепе Меаца“ вреден 40 милиони евра плус бонуси.

Италија

Интер е пред реализација на голем трансфер, Ашраф Хакими треба да стане ново засилување за Антонио Конте. Мароканецот изминативе две сезони се промовираше како еден од најдобрите десни бекови во Бундеслигата и Европа, а „нероаѕурите“ успеаја да ја победат конкуренцијата составена од Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и двата клуба од Манчестер.

Според Скај Спорт Италија денеска биле испеглани сите детали па Ашраф Хакими утре ќе пристигне на лекарски прегледи и потоа ќе стави потпис на петгодишен договор со плата од 5 милиони евра по сезона.

За неговите услуги, Интер на Реал Мадрид ќе му плати 40 милиони евра плус додатни 5 милиони евра во бонуси.

Според пишувањата на АС, ниту Реал Мадрид ниту Ашраф Хакими не ја отфрлаат можноста за нова соработка во иднина, па „кралевите“ успеале да вметнат една клаузула.

Доколку во иднина Интер добие понуда за услугите на Мароканецот, Реал Мадрид ќе биде известен, ќе има опција да ја изедначи понудата и да го врати играчот во своите редови.