24фудбал

Халанд не лета во облаци, има јасен став за својата иднина

Ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд вели дека нема да замине од Борусија Дортмунд во летниот преоден рок и покрај понудите на големите клубови.

Германија

Норвешкиот фудбалер не лета во облаци, постепено напредува во кариерата и тоа го прави многу успешно. Од Салцбург реши да се пресели во Борусија Дортмунд иако имаше понуди и од поатрактивни клубови.

Тогаш реши да оди во клуб каде што сигурно ќе биде стартер и ќе напредува. Реал Мадрид и ПСЖ тропаат на неговата врата со големи понуди, но тој се уште размислува трезвено, сака да остане во Борусија Дортмунд и во следната сезона.

„Живеам во сегашноста. Само што дојдов во Дортмунд и сега не размислувам за заминување“, изјави Халанд за ВАЦ, запрашан за неговата иднина.

„Дортмунд е еден од најголемите клубови во светот. Потпишав долгогодишен договор и не размислувам многу за мојата иднина“.

„Одлучив дека најдобро за мојата кариера во моментов е да сум тука. Сакам да постигнам некои важни работи со Борусија, не само да бидеме втори, туку да освоиме титула колку што е можно побрзо“.

„За следната година поставивме цели, сакаме да постигнеме колку што е можно повеќе голови и јас како напаѓач сакам да дадам свој допринос“.