24фудбал

Бербатов го советува Хаверц: Не си спремен за Реал, таму го свиреа и Роналдо... погледни што им се случува на Јовиќ и Азар

Димитар Бербатов го советува Каи Хаверц ова лето да не прави трансфер во Реал Мадрид, вели дека младиот Германец не е подготвен за притисокот кој го носи белиот дрес.

Германија

Каи Хаверц подолго време е на радарот на гигантите ширум Европа и изминатиов период често има шпекулации за богат трансфер. Синоќа се појавија стории кои велеа дека перспективниот Германец сакал да се пресели во Реал Мадрид и да игра покрај својот идол Тони Крос.

Димитар Бербатов смета дека ова ќе биде погрешен потег и го советува репрезентативецот на „панцерите“ да не го одбира „Сантијаго Бернабеу“ за нова дистинација, или барем да не го прави тоа ова лето.

„Каи продолжува да импресионира и да привлекува огромно внимание, вклучувајќи го и она на Реал Мадрид. Според мене, во моментов не треба да ја разгледува понудата од Реал Мадрид. Воопшто не е лесно таму, доколку не сте ментално подготвени за високите барања, ќе поминувате низ пекол“ – пишува Бугаринот во својата колумна за Бетфер.

„Погледнете што му се случува на Лука Јовиќ, на почетокот критики добиваше и Еден Азар, па и Тибо Куртоа. Герет Бејл и ден денес добива свирежи, а и Кристијно Роналдо беше исвиркуван од публиката, а тоа е незамисливо. Знам дека белиот дрес е примамлив, но треба да сте навистина спремен. Хаверц се уште е многу млад, и доколку остане уште една година во Баер Леверкузен тоа ќе му помогне да се развие технички, физички и психички“.

„Реал има широк состав со големи играчи и мислам дека ќе му биде тешко да игра на секој натпреар. Во овој дел од кариерата потребно му е да игра постојано, па затоа Леверкузен е најдобро место за да продолжи да се развива. Нема да загуби ништо, сега е ѕвезда и игра редовно во Бундеслигата и луѓето го забележуваат. Знам каков клуб е Баер, знам како ги развиваат играчите и знам колку околината е пријателска. Нема да загуби ништо ако остане уште една сезона, само ќе има корист“.