24фудбал

Ангеловски: Без притисок одиме по она што го заслуживме, третото место

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски вели дека нема притисок за освојување на третата позиција, но чувствува дека неговите фудбалери заслужуваат да завршат на тоа место.

Македонија

Македонија ако го победи Израел има шанси да ги заврши квалификациите на третото место на табелата, дали ќе бидеме таму зависи од мечот меѓу Полска и Словенија, домаќините треба да победат.

Селекторот Игор Ангеловски на денешната прес конференција изјави дека шансата да завршиме трети ќе биде мотив повеќе утревечер, не и притисок.

„Немаме притисок да го освоиме третото место, тоа го гледаме како мотив. Фудбалерите заслужија да завршат како трети поради сето тоа кое го покажаа во квалификациите“, вели Ангеловски.

„Ќе одиме на победа, а дали таа ќе биде доволна за трето место ќе видиме, треба Полска да ја победи Словенија. Но математиките не ме интересираат, ме интересира само нашата игра. Заслуживме добар пласман“.

„Добро го познаваме Израел и од сега но и од минатите квалификации. Пред се добри се во нападот со Захави и Дабур. Но тоа е екипа која има и слабости а ние ќе се обидеме да ги искористиме“.

Ангеловски нема да може да смета на Тричковски, Младеновски и Трајковски кои заработија повреди од мечот со Австрија, но во тимот се враќаат Муслиу, Николов и Несторовски.

Фото: ФФМ