24фудбал

Парма - Милан 4:5, 90 минути за Ристовски

Парма и Милан одиграа луд натпревар со девет погодоци во кој нашиот фудбалер Стефан Ристовски за прв пат ги одигра сите 90 минути во натпревар од Серија А, но беше главен виновник за последниот гол на Росоњерите.

Италија
Пипо Инзаги ја враќа надежта на навивачите на Милан, Росоњерите се перфектни по првите две кола во Серија А, овој пат со 5-4 славеа на гостувањето кај Парма.
 
Македонскиот репрезентативец, Стефан Ристовски ги одигра сите 90 минути за Парма, кои ги заокружи со кикс во завршиот период од натпреварот.
 
Во 79. минута, Ристовски млако му ја додаде топката на својот голман, тоа го искористи Менез и со својот втор гол му донесе предност на Милан од 5-3.
 
Покрај Менез голови за Милан постигнаа и Бонавентура, Хонда и Најџел Де Јонг.
 
Антонио Касано и Фелипе беа стрелци за Парма, а еден гол за домаќините реализираше и Де Шиљо кој ја затресе сопствената мрежа.
 
За натпреварот да има се, се погрижија Бонера и Фелипе кои беа исклучени поради два жолти картони.
 
Интер со фантастични 7-0 ја уништи екипата на Сасуоло, Икарди постигна хет-трик, Освалдо беше реализатор на два погодоци, по еднаш мрежата ја тресеа Ковачиќ и Гуарин.
 
Наполи не блеска во новата сезона, откако не успеа да влезе во групната фаза од Лигата на Шампионите, тимот предводен од Рафа Бенитез киксна на свој терен против Киево губејќи со 1-0.
 
Игуан во првиот дел промаши пенал, а казната дојде по четири минути игра во второто полувреме кога Лопез погоди за победа на Киево.
 
Лош старт и за екипата на Фиорентина која со многу амбиции влезе во новата сезона, но против Џенова на Артемио Франки одигра натпревар без голови.
 
Лацио со убедливи 3-0 ја совлада екипата на Чезена, Сампдорија со 2-0 го победи Торино.