24фудбал

Холандија го освои третото место, нов дебакл за Бразил

Холандија му приреди нов кошмар на Бразил, Лалињата победија со убедливи 3-0 и дојдоа до третото место на светското првенство.

СП 2014

За само два натпревари Бразил успеа да прими дури десет гола, домаќинот доживеа уште еден дебакл и срамно се прости од мундијалот.

Холандија му зададе уште еден удар на веќе паднатиот Бразил, Лалињата го дотолчија домаќинот кој веќе беше нокаут од германската машинерија.

Натпреварот започна шокантно за Бразилците, по само три минути игра примија гол.

Тиаго Силва го фаулираше Робен, судијата покажа на белата точка, а сигурен реализатор беше Робин ван Перси.

При оваа одлука судијата направи две очигледни грешки, Робен беше фаулиран надвор од шеснаесетникот, и не требаше да биде досуден пенал, но Тиаго Силва кој беше последен играч во одбраната требаше да добие директен црвен картон.

Веќе во 17. минута беше 2-0, Блинд искористи една очајна интервенција на бразилската одбрана и го зголеми водството на Холандија.

Бразилците се обидуваа да се вратат во натпреварот, судијата во два наврати можеше да покаже пенал и за домаќинот, но тоа не се случи.

Во 91. минута нова ужасна поставеност на бразилската одбрана која му овозможи на Вијналдум да ги постави конечните 3-0.

На крајот Холанѓаните сосема заслужено се радуваа на третото место, Бразил уште долго ќе биде во шок по случувањата на последните два натпревари.