24фудбал

Бетмен велит: Иберостар - стадионот на Мајорка

Oткако судбината на Естади Луис Ситјар беше запечатена со правилото на ФИФА според кое стадионите треба да се потполно покриени со седишта за гледачите, фудбалскиот клуб Мајорка трeбаше да најде алтернативна акомодација...

Колумни

Oткако судбината на Естади Луис Ситјар беше запечатена со правилото на ФИФА според кое стадионите треба да се потполно покриени со седишта за гледачите, фудбалскиот клуб Мајорка трбаше да најде алтернативна акомодација. За среќа на клубот, Палма ја доби организацијата на Летната Универзијада во 1999 година (или Светските студентси игри, по „старо“) после што градот одбра земјиште во Кан Валеро, околу 3 и пол километри од центарот на градот за изградба на нов спортски стадион, за време на чија изградба фудбалскиот тим од овој Балеарски остров потпиша договор на 50 години за користење на истиот.

Цената на проектот беше 35 милиони евра, а главен архтиект на стадионот беше Гиљем Рејнес, човекот кој наскоро ќе стане претседател на клубот. Стадионот официјално беше пуштен во употреба на 3-ти јули 1999 со почетокот на Студентските игри, а седум недели подоцна Мајорка на истото место ја започна новата сезона во Примера, со деби кое беше расипано од играчите на Реал Мадрид кои успеаа минимално да го совладаат домаќинот. Неколку години подоцна Мајорка ја доживува првата прослава на новиот стадион, со победата над Рекреативо Хуелва со 3-0 за првиот Копа дел Реј на тимот. После овој успех, резултатите не беа нешто со што може да се пофали тимот од Балеарите, па неколку години со ред успешно Мајорка го избегнуваше пласманот во втората шпанска лига, за при крајот на декадата заслужено тимот да се пласира на петтото место во Ла Лига. Но, поради лошиот финансиски менаџмент во мај 2010 клубот пријави банкрот со долгови од 45 милиони евра, поради кои не доби лиценца за настап во Лига Европа во сезоната 2010-та/2011-та.

И, како да го наречеме овој стадион? Започна под името Сон Моич, но во 2004 клубот и општината потпишаа договор со телекомуникациска компанија после кој истиот беше наречен ОНО Естади, до 2010 година, истата година во која беше постигнат нов договор со хотелскиот синџир Иберостар.

Но, што е со архитектурата на стадионот? Не е најлошиот во Шпанија, но е далеку од најдобрите. Една од највпечатливите работи е прекрасно свиената конструкција која елегантно се свива над дворедната западна трибина. Дворедниот пристап во трибинскиот простор се повторува и на источната страна, додека јужната и северната трибина се направени во еден ред со сите недостатоци кои се „нормални“ за стадион од овој тип. 

Од последните редови на источната и западната трибина на овој стадион со 23.142 светло црвени седишта може да се забележи амфитеатралниот стар Луис Ситјар стадион, оддалечен не повеќе од еден километар, кој е потентен потсетник на времето кога гледањето на натпреварите на Мајорка беше интерактивно искуство. Сега, на Сон Моич, со просечната публика од 13,500 гледачи, секоја атмосфера која ќе се генерира брзо „испарува“ во воздухот над градот.

Па, и покрај фрагилната финансиска ситуација во која се наоѓа тимот, се размислува за проект кој предвидува реконструкција на стариот стадион кој би имал 40.000 гледачи,  потполно покриени трибини и, за жал, цена до 220 милиони евра.

Клубот слави еден век постоење во 2016 година, па бидејќи „домот е онаму каде што е срцето“, нема да е чудно токму тогаш Мајорка повторно да се врати на Луис Ситјар од Сон Моич, местото кое реално, никогаш не било почувствувано како дом од страна на сите фанови на тимот.

Автор: Бетмен велит