24фудбал

Започнува светското фудбалско првенство

Од денес па се до 13. јули, сите погледи ќе бидат насочени кон Бразил, започнува Светското фудбалско првенство, најатрактивниот спортски настан во светот.

СП 2014

Со натпреварот помеѓу Бразил и Хрватска во 22 часот по македонско време, започнува 20. Светско фудбалско првенство, спортскиот настан кој предизвикува најголема еуфорија.

32 репрезентации ќе се борат за големиот трофеј кој го брани Шпанија, најмногу шанси му се даваат на домаќинот, а по него се Аргентинците, Германците, Шпанците...

Притисокот врз Бразил е огромен, задачата на Сколари и неговите фудбалери е да го издржат тој товар и да и го донесат шесттиот трофеј на својата земја.

Како се справуваат со притисокот ќе видеме уште вечерва кога ќе излезат на мегдан со Хрватска, Коцкастите нема што да загубат, па иако се аутсајдери, нема лесно да ја продадат својата кожа.

Домаќинот потроши 11 милијарди долари за изградба и реновирање на стадиони, како и за инфраструктурни зафати неопходни за функционирањето на Мундијалот, оваа сума го прави најскапото Светско првенство.

Токму парите се причината која потикна големи немири во оваа земја пред почетокот на Мундијалот, а се очекува својата екстаза да ја имаат за време на светското првенство.

Бразил беше критикуван и за ненавременото завршување на градежните зафати кои траат до самиот почеток на натпреварите, но се чини дека сето тоа ќе биде заборавено кога од вечерва Бразуката ќе започне да се тркала по зелениот терен.

ФИФА го зголеми наградниот фонд во однос на претходното Светско првенство, па учесниците во Бразил ќе поделат 422 милиони евра, од кои на контото на светскиот шампион ќе отидат 25,7 милиони евра, додека финалистот ќе заработи 18,3 евра.

Откако вечерва во 22.00 јапонскиот судија Нишимура ќе дувне во свирчето, еуфоријата во светот ќе започне, и се друго ќе биде неважно.